МОТОРЏИИТЕ НЕ САКААТ ДА ПЛАЌААТ ЗА ПАРКИРАЊЕ, ШИЛЕГОВ ЌЕ ФОРМИРА РАБОТНИ ГРУПИ ДА СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ

    МОТОРЏИИТЕ НЕ САКААТ ДА ПЛАЌААТ ЗА ПАРКИРАЊЕ, ШИЛЕГОВ ЌЕ ФОРМИРА РАБОТНИ ГРУПИ ДА СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕШилегов ги повика моторџиите во својот кабинет, заедно со новинарите, за како што рече, да им ја образложи идеја и заеднички да најдат решение (Фото: Град Скопје)

    Не сакаме да плаќаме за паркираме, со одредување на паркинг места ни ја земате слободата, му рекоа денеска моторџиите на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Утрово, моторџиите излегоа на протест пред бараките на Градското собрание, барајќи од Шилегов да се откаже од воведување наплата за паркирање мотори. Шилегов ги повика моторџиите во својот кабинет, заедно со новинарите, за како што рече, да им ја образложи идејата и заеднички да најдат решение.

    „Сметам дека треба да има обележани паркинг места за да не се блокираат тротоарите и јавните површини. Првата година паркирањето ќе биде бесплатно, а потоа идејата е да се наплатува од 5 до 7 денари, што мислам дека е симболична цена. Со тоа ќе овозможиме да имате паркинг места. Сега се доведувате во ситуација кога одите на работа да немате каде да ги оставите моторите и тоа мора да биде по јавни површини“, им рече Шилегов на моторџиите.

    Моторџиите му рекоа дека не прифаќаат да плаќаат за паркирање мотори, оти во ниту еден европски град не им се наплаќа на моторџиите.

    „Одма откажете се од идејата за наплата. Зошто нè ограничувате да се паркираме на обележани места, па со тоа ни ја земате слободата? Ако јас моторот го оставам на паркинг и не го гледам, тогаш некој може да се качува на него, не ми е безбеден. Ние не го нарушуваме сообраќајот, ниту пак сметаме дека узурпираме јавни површини. Има толку многу други проблеми во градот. Обележете паркинг места, но да биде слободна волја дали ќе се паркираме на нив или не“, рекоа моротџиите.

    По еден час дискусија, Шилегов им рече на моторџиите да одредат свои претставници и заедно со него и екипи од Градот да почнат да одржуваат состаноци за да се најде заеднички прифатливо решение.

    „Ќе дискутираме за сè и за проблемите кои вие ги имате. Но сметам дека потребно и да се определат места за паркирање, не само на нашите паркинзи, туку и пред установи, трговски центри и на тоа ќе работиме“, додаде Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари