Локалната власт на Велес воведе дежурен мобилен телефон кој е наменет за пријавување палење опасен отпад. Телефонскиот број 078/254-729 е достапен 24 часа, а го опслужуваат одговорни лица во Територијалната противпожарна единица во Велес.
„Врз основа на Одлуката на Советот на Општина Велес за донесување итни мерки за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух, Општина Велес воведува дежурен мобилен телефон за потребите на граѓаните. Дежурните лица имаат обврска да водат дневна книга со записи за број на јавувања – пријави, кои веднаш ќе ги пренесуваат до надлежните во општинската администрација“, велат од Општина Велес и ги повикуваат граѓаните да пријавуваат неправилности, бидејќи на тој начин заеднички ќе се придонесе за поздрава животна средина и за побрза реакција во случај на природни непогоди.
На дежурниот телефон може да се пријави палење гуми, кабли, отпад, стрништа, пластика или друг вид опасен отпад што предизвикува зголемување на загаденоста на амбиентниот воздух. Но освен за овој опасен отпад кој се пали, телефонот може да се користи и за пријавување при појава на свлечиште, рушење потпорен ѕид, што поради конфигурацијата на градот се случуваат при обилни врнежи но и за објекти склони кон паѓање чии штети подоцна ги плаќа Општина Велес од локалниот буџет.
П. ПЕЧКОВ