НА БУЛЕВАРИТЕ И ВО ПАРКОВИТЕ ВО СКОПЈЕ ИМА 65.000 ДРВЈА, ПОКАЖАА ПОДАТОЦИТЕ НА ЗЕЛЕНИОТ КАТАСТАР НА ГРАД СКОПЈЕ И УНДП

    НА БУЛЕВАРИТЕ И ВО ПАРКОВИТЕ ВО СКОПЈЕ ИМА 65.000 ДРВЈА, ПОКАЖАА ПОДАТОЦИТЕ НА ЗЕЛЕНИОТ КАТАСТАР НА ГРАД СКОПЈЕ И УНДПВо зелениот катастар засега е попишано само градското булеварското и парковското зеленило. Во наредниот период ќе се попишуваат дрвјата низ општинските површини, во дворовите на јавните претпријатија, установите, но и во дворовите на граѓаните. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На булеварите и парковите во Скопје има 65.844 дрвја и 28.325 грмушки. Ова го покажуваат податоците на зелениот катастар кој за прв пат го изработи Град Скопје заедно со УНДП. Во катастарот кој може да се види на Зелен катастар на Град Скопје има податоци за бројот на дрвјата, видот, нивната старост.

    Во него засега е попишано само градското булеварското и парковското зеленило. Во наредниот период ќе се попишуваат дрвјата низ општинските површини, во дворовите на јавните претпријатија, установите, но и во дворовите на граѓаните. Граѓаните на апликацијата уште од денеска ќе можат да внесат колку дрвја имаат во нивните дворови, но официјално ќе бидат објавени во зелениот катастар откако екипи од Градот ќе направат проверка дали пријавениот број е точен.

    „Овој проект е почнат поодамна, но сериозно се работеше во текот на годинава. Ова е алатка ќе послужи на граѓаните, но и на јавната администрација и ЈП „Паркови и зеленило“ да можеме да го управуваме урбаното зеленило на соодветен начин, да го одржуваме на соодветен начин, но и да планираме што во иднина ќе садиме. Ова е првата фаза која ја завршивме, допрва влегуваме во евиденција на останатото зеленило. Точно е дека за околу 40 отсто заостануваме во однос на европскиот просек. Изминатите 10 години зеленилото секогаш беше жртва на поинаков вид интереси, на градежна експанзија која што ни се случи во центарот на градот. Несоодветен беше и третманот, голем број дрвја се самоуништија, се исушија. Имајќи предвид дека интензивно вршиме зазеленување на градот сериозно ќе го дигнеме просекот и во догледно време ќе можеме да ги стигнеме европските просеци“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Шилегов најави дека во наредниот период заедно со Шумарскиот факултет ќе се работи на ослободување на дрвја кои се заработени со бетон, на пролет ќе почне изградбата на зелениот покрив на Градскиот трговски центар, како и изградба на нови паркови и садење дрвја во пролетна и есенска акција.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари