Град Скопје од наредниот месец ќе почне со градежни работи за целосна реконструкција на Кејот 13 Ноември, со што како што вели градоначалникот Петре Шилегов ќе се реши хаосот и безредието кое владее на овој дел од центарот на градот.
Според проектот ќе се врши партерно уредување на кејот, на потегот од хотелот „Холидеј ин“ до зградата на „Телеком“. Предвидено е отстранување на старите и оштетени плочки, клупите, корпите за отпадоци, канделабрите, како и крајните жардиниерите кои се еден вид ограда. Треба да се отстрани и киоскот кој беше поставен на кејот во времето на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ за продажба на сувенири, но никогаш не проработи. Исто така ќе се изврши демонтажа односно уривање на постоечките летни тераси на кафулињата кои се распослани по речиси целата ширина на кејот и повеќе наликуваат на објекти отколку на летни тераси.
Изминативе денови градоначалникот Петре Шилегов имал состанок со сопственците на кафулињата на кејот на кој им го претставил планот, а дел од нив негодувале дека ќе останат без терасите кои сега го заземаат цело шеталиште.
Градоначалникот Шилегов вели дека нема да дозволи и во иднина на кејот да владее хаос и затоа нема да отстапи од намерата шеталиштето да стане репрезентативен дел на градот како што заслужуваат граѓаните.
„Кејот 13 Ноември е еден од најатрактивните јавни простори во нашиот град кој е сериозно девастиран како простор во кој владее целосен хаос и безредие. Немам намера тоа да го дозволам туку на скопјани ќе им дадам еден репрезентативен јавен простор по светски стандарди. Градот нема да биде заложник на неколку локали од кои три се на еден човек. Разговарам со бизнис заедницата да се најде оптимално решение, но компромис околу слободен јавен простор и репрезентативност на кејот не може да биде правен на штета на граѓаните“, вели Шилегов и додава дека тендерот за избор на фирма бил завршен уште во октомври, но решиле да почнат со работа после Нова година, за да можат кафанџиите да ги искористат празничните денови.
По завршување на реконструкцијата ќе биде дозволен влез само на возила на „Телеком“ бидејќи како што вели Шилегов штетната одлука на неговиот претходник Коце Трајановски не може да се промени.
„Мене ми е жал што мојот претходник дозволи на кејот да поминува улица. По реконструкцијата ние нема да направиме ништо друго освен што таа улица ќе служи само за технички сообраќај, за точно определен број возила и во точно определено време, а не како до сега кој како стигне да влезе и да паркира“, додава Шилегов.
Градоначалникот додава дека веќе неколку месеци се работи на враќање на сјајот на целиот кеј на реката Вардар од Влае до Аеродром, кој со децении бил запоставуван и нечепнат.
А. АНТЕВСКА