НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ НЕ Ѝ ТРЕБА ДОЗВОЛА ОД НАС ДА ГО СОБИРА ЃУБРЕТО ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС, ТРЕБА САМО ДА НАЈАВИ НА 192, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МАНЧЕВСКИ

    НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ НЕ Ѝ ТРЕБА ДОЗВОЛА ОД НАС ДА ГО СОБИРА ЃУБРЕТО ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС, ТРЕБА САМО ДА НАЈАВИ НА 192, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МАНЧЕВСКИОд викендов контејнерите низ градот се преполни со ѓубре, а кеси, шишиња, картони, па и мебел од домаќинствата има и на тротоарите околу садовите. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ние не издаваме дозволи за работа за време на полицискиот час на ЈП „Комунална хигена“, велат од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), откако денеска контејнерите во цело Скопје беа затрупани со ѓубре. Од средата откако полицискиот час почнува од 16 часот, ѓубрето во Скопје се собира само во една смена бидејќи како што изјави директорот на „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани, немале добиено дозвола за движење од МИОА.

    Поради тоа, од викендов контејнерите низ градот се преполни со ѓубре, а кеси, шишиња, картони, па и мебел од домаќинствата има и на тротоарите околу садовите.

    „Демантираме дека вината зошто ЈП ‘Комунална хигиена‘ не се погрижило за хигиената во градот Скопје за време на викендот е кај МИОА.  Го повикуваме раководството, да постапи по насоките од Кризниот штаб на Владата, каде јасно е наведено дека претрпијатија од профилот на ‘Комунална хигиена‘, работењето за време на полициски час едноставно треба само да најавуваат на телефонскиот број 192“, кажа денеска министерот Дамјан Манчевски.

    Скопскиот градоначалник Петре Шилегов утрово на нашето прашање зошто дозволиле преполни контејнери во време на КОВИД-19, рече дека одлучено е од денеска ѓубрето да се собира до 21 часот и дека состојбата во текот на денот ќе се среди.

    „Пред да биде воведен полицискиот час немавме проблеми ниту поплаки од граѓаните за собирање на ѓубрето низ Скопје. Изминативе денови работевме со намалена динамика поради воведениот полициски час. Вчера имавме состанок со Кризниот штаб на Град Скопје, направивме анализа и нов распред за подигнување на ѓубрето во две смени. Ќе се работи и во сабота. Работевме и оваа сабота, но екипите не можеа да постигнат секаде со оглед на режимот по кој работеа претходните три дена. Од денеска, состојбата ќе се стабилизира“, рече градоначалникот Шилегов.

    Во Скопје има 6.000 контејнери од кои секојдневно се собира ѓубрето. Дневно комуналните работници на „Комунална хигиена“ подигнуваат околу 500 тони отпад.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира