Дивата платформа на кањонот Матка не само што не се урива туку продолжува да се гради. На 10 февруари САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека меѓу карпите во езерото се гради платформа најверојатно за кафуле. Тогаш плаформата беше со железна конструкција, а сега две недели подоцна веќе е ставен дрвен под, свежо лакиран со боја.
Дивеењето на Матка никој од надлежните не го санкционира, иако кажуваат дека станува збор за дивоградба.
- ДИВА ПЛАТФОРМА ЗА КАФЕАНА НИКНА НА МАТКА, ГРАД СКОПЈЕ НЕ ЗНАЕ ШТО Е, ОПШТИНА САРАЈ НЕ КАЖУВА
- ШИЛЕГОВ ЌЕ БАРА ОПШТИНА САРАЈ ДА ЈА УРНЕ ДИВАТА ПЛАТФОРМА НА МАТКА
Кањонот Матка е заштитено подрачје од трета категорија и е прогласен за споменик на природата. Тоа значи дека не се дозволени активности кои би ја загрозиле неговата автентичност.
- Општина Сарај не ги урива, градоначалникот Блерим Беџети не одговара на телефонските повици, ниту од Општината одговорија на нашите прашања.
- Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека нема надлежност да руши објекти, ама испратиле допис до Инспекцискиот совет.
- Од Инспекцискиот совет не одговараат без писмени прашања.
- Од Министерството за транспорт и врски велат дека пратиле барање до Државниот инспекторат на градежништво и урбанизам да преземат мерки.
- Од Инспекторатот не добивме одговор дали инспекторите излегле на терен и дали ќе преземат мерки.
Но, на Матка ова не е единствената плаформа. На патот кој води кон црквата Свети Андреја се наоѓаат неколку платформи и куќарки на кои стојат табли дека се фирми кои организираат тури со чамец низ езерото. Никој не знае дали чамците се регистрирани.
Подолу кај црквата има друга плаформа на која се наредени кајаци кои се изнајмуваат за кајакарење низ езерото. Во средина на езерото поставени се други дрвени плаформи, кои сега за сега се празни. Целосно заградена сега е и терасата на ресторанот на Матка. Од тереса со маси и столици, стана кафеана со цврста градба.
„Џабе сликате и пишувате, сѐ е легално“, ни рече еден од луѓето кои се наоѓаа на платформата за изнајмување кајаци.
А. АНТЕВСКА