Направив нов, втор ПЦР тест и на него сум негативен на коронавирусот, вели градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков чиј прв тест во средата бил позитивен. Пецаков во средата, заедно со илјадници граѓани присуствуваше на прославата на празникот Водици и фрлањето на крстот во водите на Охридското Езеро. Пецаков пред церемонијата на пристаништето, заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски присуствуваше на литија во црквата „Света Богородица-Каменско“, на која двајцата не носеа маски.
Утрото пред да оди на церемонијата правел ПСР тест, како што вели Пецаков кој е доктор по стоматологија, заради патување во странство. Вели дека по направениот прв ПЦР тест не останал дома туку бил на фрлањето на крстот, бидејќи немал никакви симптоми, а се тестирал заради патување.
„Со семејството имавме планирано патување во странство од 20 до 23 јануари. Вечерта ми стигна на меил дека јас сум позитивен, а сопругата негативна. Откако ми стигна до денес немам никаков симптом, а и не сум излегол од дома, и поради тоа што бев убеден дека резултатите не соодветствуваат со мојата здравствена состојба, за 36 саати направив нов ПЦР тест, од истата институција Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) Охрид, којшто е негативен“, ни одговори преку смс порака градоначалникот Пецаков, испраќајќи ни го и вториот тест.
Според препораките на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, секој што прави ПЦР тест, без оглед зошто му е потребен, треба во изолација да го чека резулатот.
Како што дознаваме од вработени во Општина Охрид, изминативе десетина дена голем број од вработените се заразени со новиот сој омикрон.
А. АНТЕВСКА