Туристичката сезона ја зголеми фреквенцијата на граничните премини „Богородица“ и „Дојран“ кон Грција. Над 47.000 патници во петокот, саботата и неделата биле регистрирани од пограничните служби на овие два гранични премини, од кои 28.600 биле странски државјани.
Викендов, патниците чекаа и до два часа да ја напуштат државата, поради што се создадоа километарски колони не само пред „Богородица“ туку и пред „Дојран“.
„Викендов, од петокот наутро до понеделникот, на двата гранични премини правото за влез и излез го оствариле 81.848 патници. За излез регистрирани се 47.201 патник, од кои 28.604 патници се од странство при што доминираа српските патници. На двата гранични премини беа ставени во функција сите сообраќајни ленти како и сите ресурси со кои распоалгаме“, соопшти МВР.
Зголемената фреквенција се должи на викенд посетите во грчките туристички места, како и можноста да се одмора поевтино поради пониските цени на јунските аражамни.
Туристичките работници велат дека гужви се очекуваат и престојните викенди.
„Од викендов почнува и официјално новата туристичка сезона. И понатаму, Грција поради близината е најпосакувана дестинација за македонските граѓани. Аранжманите се претежно за приватно сместување на краците, иако оваа година доминираат и аранжманите за Турција, Кипар, Албанија и Црна Гора“, велат струмичките туристички агенции.
В. ТРАЈКОВ