НАЕСЕН ЌЕ ПОДИГНЕМЕ НОВИ ДРВОРЕДИ КАКО ОНОЈ СО ЈАПОНСКИ ЦРЕШИ НА УЛИЦАТА МАКСИМ ГОРКИ, ВЕЛАТ ОД „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“

    НАЕСЕН ЌЕ ПОДИГНЕМЕ НОВИ ДРВОРЕДИ КАКО ОНОЈ СО ЈАПОНСКИ ЦРЕШИ НА УЛИЦАТА МАКСИМ ГОРКИ, ВЕЛАТ ОД „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“Јапонските цреши на улица Максим Горки во Скопје засадени лани есента, откако старите беа исечени бидејќи беа заболени. (Фото: Град Скопје)

    Пролетната акција за садење дрвја и подигнување на нови дрвореди низ Скопје е одложена за наесен поради пандемијата на коронавирусот. Јавното претријатие „Паркови и зеленило“ ги поништи тендерите за набавка на зеленило и нови садници, бидејќи поради затворените границие не може навремено да се реализираат и целата акција се одложува за на есен.

    „Заедно со Град Скопје кон почетокот на годинава направивме план за подигнување нови дрвореди низ цело Скопје, со кои ќе му дадеме нов лик на градот. Дрвјата ги набавуваме од странство бидејќи бараме да се висококвалитетни, како што беа јапонските цреши на улицата Максим Горки кои лани ги насадивме, а сега веќе расцветаа. Затоа, постапките за набавка се одложени и ќе ги спороведеме наесен“, вели директорот на „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча.

    Дел од јапонските цреши на улицата Максим Горки лани есента беа исечени бидејќи беа заболени, а на нивно место беа засадени 18 висококвалитетни дрвја. Директорот Муча вели дека на сите фирми кои се наоѓаат на улицата Максим Горки им е наложено кога чистат да не ја истураат водата со хемикалии во дрвјата.

    Пролетва, како што вели Муча, ќе се работи да подигнување на новите паркови, како што е оној во населбата Кисела Вода кај поранешната фарбика „Цветан Димов“, во населбата Мичурин кај Железничката станица и големиот парк покрај Вардар во населбата Капрош.

    „Сите овие површини беа депонии. Целосно беа исчистени, а сега се работи на уредување и зазеленување“, вели Муча.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари