НАЈВИСОКИТЕ РЕОНИ НА ТЕТОВО 10 ДЕНА СЕ БЕЗ ВОДА, ЖИТЕЛИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРИФИ ЈА ПРЕНАСОЧИЛА ВОДАТА НА ДРУГА СТРАНА

    НАЈВИСОКИТЕ РЕОНИ НА ТЕТОВО 10 ДЕНА СЕ БЕЗ ВОДА, ЖИТЕЛИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРИФИ ЈА ПРЕНАСОЧИЛА ВОДАТА НА ДРУГА СТРАНАЖителите на населбата Колтук со децении имаат проблеми со водоснабдувањето но, како што велат, последниве денови во нивните чешми нема ниту капка вода. (Фото: З. Андонов)

    Десетици пластични шишиња и канти и ноќно бдеење за да се дочека некоја капка вода е секојдневието на жителите од улица Солунска во тетовската населба Колтук, која се наоѓа на највисокиот делови од градот веднаш под ридот Балтепе. Овие луѓе велат дека последниве десетина дена намаат ни капка вода преку ден, а кога ќе дојде, тоа е обично околу 3 или 4 часот наутро, тогаш едвај можат да наполнат неколку шишиња и водата повторно ја снемува. Жителите на населбата Колтук со децении имаат проблеми со водоснабдувањето но, како што велат, последниве денови во нивните чешми нема ниту капка вода. Вината ја насочуваат кон градоначалничката Теута Арифи.

    „Десет дена ние овде немаме вода за пиење. Ги молам надлежните да ни пуштат вода. Со овие канти и шишиња секој ден мораме да одиме долу за да ги наполниме со вода. Јас сум болна, па морам да го чекам син ми да дојде од работа и да донесе вода. Немаме вода за пиење, а не да пуштиме машина за перење алишта. Нели е ова срамота? До неодамна и имаше по малку вода, но последниве десет дена немаме ниту капка. Еднаш се јавивме за водава, а од таму ни рекоа дека градоначалничката Теута ја однела водата на друга страна. Како може да ја даде водата на друга страна? Ние овде не сме луѓе ако живееме на повисоко?“, револтирано вели Јованка Степановска.

    Од ЈКП Тетово велат дека нема преусмерување на водата туку дека недостатокот е поради намалениот доток во градскиот резервар.

    „Во горните делови од градот се случува да нема вода преку ден поради намален притисок, како резултат на недостаток во извориштата во овој период и поради зголемената потрошувачка на вода во градот. Ќе гледаме да се изнајде техничка можност за зголемување на дотокот на вода во тој дел од градот. Аплираме до граѓаните рационално да ја користат водата за пиење за жителите од горните населби во градот да имаат вода. Во моментов, издашноста на изворите заедно со бунарите изнасува 330 литри вода во секунда“, велат од ЈКП Тетово.

    Жителите на оваа улица велат дека до минатата година снабдувањето со вода за пиење било отежнато, но сепак имало по малку вода. Последниве денови нивните чешми целосно пресушија.

    „Ние овде преку 40 години имаме проблем со недостаток од вода за пиење. Кога дојде Теута Арифи, едно четири – пет години имаше вода. Сега овие три недели вода повторно нема. Се зборува некоја цевка пукнала, па се меша водата, па имало тиња во неа. Но, еве помина време, а ние уште вода немаме. Досега никој не дошол да не извести зошто немаме вода, никој не дошол ниту да праша како ние овде живееме без вода. По телефон се јавивме во ‘Водовод’, а од таму ни велат: ‘Ќе се соберете и ќе одите кај Теута, водата е свртена негде и ја дала на други, така се зборува’“, вели Зоран Ристески.

    „Со овие канти и шишиња секој ден мораме да одиме долу за да ги наполниме со вода. Јас сум болна па морам да го чекам син ми да дојде од работа и да донесе вода. Нели е ова срамота“, реагира Јованка Степановска. (Фото:  З. Андонов)

    И покрај тоа што со денови, па и со години имаат проблеми со недостаток од вода за пиење, од ЈКП постојано им доаѓаат сметки за потрошена вода, дури и им се закануваат со тужби пред суд за оние кои не ги подмириле сметките.

    „Во оваа улица живеам скоро 80 години. Ние со водата се мачиме годиништа за ред. Ај што немаме вода, од ЈКП тоа како да не ги интересира, па уште ни се закануваат дека сме имале неплатени сметки. Мене ми бараат 15.000 денари за заостанат долг, а јас ги имам платено сите сметки. Сега ме тераат да го платам долгот. И пари ни земаат и вода не ни даваат. Видете, лавабото ми е полно со шишиња за да фатиме некоја капка вода за пиење. Така е секој ден“,  вели Трпе Симјановски.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира