НАПУШТЕНО СТАДО КРАВИ ПРОШЕТА НИЗ ЦЕНТАРОТ НА ШТИП

    НАПУШТЕНО СТАДО КРАВИ ПРОШЕТА НИЗ ЦЕНТАРОТ НА ШТИПДел од стадото крави, кое ги пустоши имотите во околината на Штип без никаков кравар-чувар, се спушти во центарот на градот. Додека минувачите беа со маски поради корона вирусот, кравите поминаа покрај Здравствениот дом во Штип чиј парк им дојде како добра испаша. (Фото: СДК.МЛ)

    Напуштено стадо крави, кое цел месец ги пустоши нивите во околината на Штип, денеска се спушти во градот и се прошета во неговиот центар. Го преминаа мостот во населбата Пролет и движејќи се покрај реката Отиња поминаа покрај Здравствениот дом, чиј парк им дојде како добра испаша.

    Неколку минувачи кои денеска отишле да купат нешто биле вчудоневидени од глетката и коментирале ‘Да се чуваш од короната или од разбеснетите крави’.

    Кравите не се диви, но неодговорни се нивните сопственици кои ги пуштаат да одат по нивите и лозјата без да имаат сточар-чувар. Лани пријавивме, пријавуваме и сега во полиција, но состојбата не се менува, велат штипјани. (Фото: СДК.МК)

    „Кај мене на нивата веќе го изгазија сиот насаден кромид на 2 декари“, вели Ибо Алиов кој живее кај штипската болница, а има нива во околината на Штип.

    „Тоа се истите крави кои на два километри од градот во месностите Суитлак и Ајнато прават пустош по нивите, лозјата и сиот друг имот. Секоја година пријавуваме во полиција, ама проблемот не се решава“, вели пензионерот Ангел Донев кој заедно со своите соседи со лозовите насади секоја пролет мака мачи со дивото стадо крави.

    „Кравите не се диви, но неодговорни се нивните сопственици кои ги пуштаат да одат по нивите и лозјата без да имаат сточар-чувар. Лани пријавивме, пријавуваме и сега во полиција, но состојбата не се менува. Еве се дозволи кравите да влезат во центарот на Штип и се само поради неодговорноста и негрижата на нивните сопственици, кои кравите од штипското село Шашаварлија ги носат во нивната зимска фарма во близина на Штип. Овие фармери како да се бесна банда, никаквов апел не почитуваат“, се жалат земјоделците кои имаат свои имоти во близина на градот.

    Лани во март, над 300 сопственици на овошни и лозови насади и на ниви со раноградинарски производи од Штип собираа петиција, поради штетите што ги трпат од краварска фарма чие стадо без никаков надзор од сопствениците го пустоши родот во Суитлак, Ајнато, Орта Колиба, Липов Дол, најпознатите викенд атари кај Штип. Жителите рекоа дека стадото сопстфеницоте формално го имаат заради субвенциите, па затоа го оставаат само да се напасува, а за тоа време тие често можат да се видат во штипските кафулиња.

    Револтираните земјоделци од овие месности го пријавија во полиција секојдевното уништување на нивните насади и бараа од општината и подрачното министерството за зeмјоделство и останатите надлежни институции да преземат конкретни и ефикасни мерки, а полицијата службено да поднесе соодветни пријави за сопствениците на стадото и за оние кои стопанисуваат со него. Од СВР Штип рекоа дека сопствениците биле повикани и предупредени, но напуштеното стадо и продолжи да прави штети по лозовите и овошните насади и раноградинарските култури.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира