Согласно препораките на Владата, народната кујна во Тетово почна да дели храна само во понеделник, во количина за цела недела.
Кујната во која досега се готвеше храната е затворена, па отсега на корисниците ќе им се дава само сува храна. Од тетовската народна кујна со храна се обезбедуваат околу 100 лица од социјално загрозени категории од Тетово.
„Во вакви моменти кога не можеме да подготвуваме готвени јадења, според добиените насоки од Министерството за Здравство и другите надлежни институции, на лицата кои ги користат услугите на народната кујна сега им даваме пакети со храна во кои има млеко, конзервирана храна, тестенини, ориз и друг вид производи, кои тие ќе можат да ги подготват во своите домови. Од оваа недела корисниците ќе можат да ги подигнат пакетите со храна само во понеделник, во периодот од 9 до 12 часот. Во пакетите има доволно храна за секој поединечен корисник за период од една недела. Ова е направено и по барање на корисниците на народната кујна, бидејќи со владините мерки, и ним им претставуваше потешкотија секој ден да излегуваат од своите домови и да доаѓаат до објектот на народната кујна“ вели Рамие Даути, директорка на детските градинки „Младост“ од Тетово.
Народната кујна во Тетово е сместена во засебен дел од градинката „Тетекс“, има своја кујна, вработен персонал и работи повеќе од десетина години.
З. АНДОНОВ