Дел од отпуштените наставници во Битола велат дека покренале судски постапки против неколку битолски училиштата затоа што не биле задржани на работа иако работеле по две и повеќе години, а вработувањето не им било трансформирано во трајно. Тие велат дека веќе месец и половина чекаат одговор од надлежните институции на прашањето зошто биле отпуштени од работа.
„Некои од отпуштените се и во судски спорови, сите ги исполнуваа условите за трансформација и ги исполнуваа условите за да останат и понатаму вработени на огласите. Во судските спорови се тужени улилиштата каде последно сме остварувале работен однос. Месец и половина чекаме објаснување “, вели Марина Стефановска Јовчева претставник на Координатовното тело на отпуштените просветни работници.
Се работи за седумдесетина наставници и друг помошен кадар на кои им истекоа договорите за работа, а работните односи не им беа продолжени.
„На дел од нашите семејства ова ни беше и единствен месечен приход. Сега секој се обидува да се снајде на свој начин, некој без работа, други работат тоа што не го завршиле“, рече Гордана Јоначиќ, поранешна вработена во Основното училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола.
Градоначалничката Наташа Петровска денес беше службено отсутна и не можеше да се сретне со наставниците. Деновиве таа за телевизија „Тера“ на оваа тема изјави дека е направена сеопфатна анализа на состојбите во образованието, а биле констатирани и измислени часови во некои училишта.
„По анализата што ја имав направено, беа согледани најразлични состојби од финансиски до наставен кадар, дури и ситуации на измислени часови. Правото на вработување се стекнува согласно одредени законски одредби, кажано им е на директорите дека тие законски одредби мора да бидат испочитувани“, рече Петровска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА