НАТЕПАН РАКОВОДИТЕЛОТ НА ТЕТОВСКИ ВОДОВОД ОТИ НЕ САКАЛ ДА ДАДЕ ДОЗВОЛА ЗА ДИВ ПРИКЛУЧОК

    НАТЕПАН РАКОВОДИТЕЛОТ НА ТЕТОВСКИ ВОДОВОД ОТИ НЕ САКАЛ ДА ДАДЕ ДОЗВОЛА ЗА ДИВ ПРИКЛУЧОКОд Општина Тетово велат дека објектите за кои е побаран приклучок за вода се дивоградби (Фото: СДК.МК)

    Раководителот на Водовод при ЈКП „Тетово“ бил натепан во својата канцеларија бидејќи не сакал да даде дозвола за приклучок за вода, оти станувало збор за див приклучок во реон каде нема изградено водоводна мрежа.

    „Пред три дена, во мојата канцеларија дојде претставник на една фирма од Тетово, кој сакаше да добие водоводен приклучок на локација под пругата на патот кон село Фалише. Јас се потрудив да му објаснам дека на тој дел Водовод нема изградено инфраструктура и го упатив на Секторот за комунални дејности на Општина Тетово, кој е надлежен за изградба на водоводната мрежа, па дури откако таа ќе се изгради, тогаш ќе може да се одобри приклучок кон неа. Сметајќи дека јас лично не му давам приклучок, странката ме опцу и двапати ми удри бокс во лице“, вели Самедин Абедини, раководител на Водовод при ЈКП „Тетово“.

    Тој додаде дека странката доставила и документи врз основа на кои барала приклучок, но тие воопшто не биле валидни. Абедини го пријавил случајот во тетовската полиција.

    Од СВР Тетово го потврдуваат случајот, а од Секторот за урбанизам на Општина Тетово велат дека објектите за кои е побаран приклучок за вода се дивоградби.

    Дивите приклучоци кон водоводната мрежа се едни од главните причини за проблемите во снабдувањето со вода за пиење во Тетово. Абедини вели дека засега во градот нема рестрикции, освен повремени во текот на ноќта, не подолги од еден час, но со доаѓањето на есента, се очекува дотокот на вода да се намали.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира