Проектантското биро „Мегарон инженеринг“, кое го донираше проектот за Универзална сала на Град Скопје, вели дека се невистини изјавите на градоначалничката Данела Арсовска оти проектната документација е небезбедна и со грешки. Проектантите велат дека имаат добиено позитивно мислење од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и дека сите направени промени се очекувани при вакви зафати.
„Проектот за фасадата и куполата се предаде на Град Скопје заедно со стручна ревизија на проектната документација и со позитивно мислење од страна на ИЗИИС и така доби решение за адаптација од Општина Центар. ‘Мегарон инженеринг‘ изработи ревидиран проект за челичната конструкција, откако на лице место се утврдија неправилности на постојните темели и плочи и откако се утврди потреба од нови конструктивни елементи. Таквиот ревидиран проект е повторно пратен во ИЗИИС и повторно е добиено второ позитивно мислење. Сите позитивни мислења и ревизии на проектната документација се предадени во Град Скопје. Ваквите промени се очекувани при зафати на реконструкција на постојни објекти и се во обем кој во никој случај не ја загрозува стабилноста на објектот и безбедноста на луѓето“, реагираат на прес-конференцијата на градоначалничката Арсовска од „Мегарон инженеринг“.
Проектантите велат дека проектната документација била поделена во две фази на барање на Град Скопје и тоа фаза 1 – Реконструкција на фасадна обвивка и кровен покривач и фаза 2 – Изработка на основен проект за сите останати техничко-технолошки фази и ентериер
„‘Мегарон инженеринг‘ ја изработи и проектната документација од фаза 2, за што градската администрација е известена“, велат проектантите откако Арсовска денеска кажа дека проект за внатрешноста нема.
А. АНТЕВСКА