Советниците во Советот на Општина Центар ќе одлучат дали ќе се дадат буџетски пари за изградба на црква во Берлин, вели градоначалникот Горан Герасимовски, кој додава дека тој само го проследил до Советот барањето од Македонската православна црква да се додели донација за изградба на црквата „Св. Климент Охридски“ во Берлин.
„Апелирам граѓаните да не подлегнуваат на инсинуации и шпекулации. Моја законска обврска е барањето да го проследам до Советот. А став на советниците на СДСМ и мој личен став е дека нема да поддржиме проекти од буџетот на Општина Центар кои не се во интерес на граѓаните на општината“, објавиГерасимовски на својот фејсбук профил.
Од Општината попладнево одговорија дека на 21 август добиле барање за донација од МПЦ и додаваат дека согласно законските прописи, надлежност и обврска на градоначалникот е ваквото барање за донација да го процесуира до Советот на Општина Центар во форма на одлука, додека Советот на Општината е надлежен орган што одлучува за примање и давање донации и трошење буџетски средства.
СДСМ има најмногу советници,9, во Советот, ВМРО-ДПМНЕ има 8 и по три независната листа на граѓани „Шанса за Центар“ и Левица.
Од советничката група „Шанса за Центар“ велат дека нема да ја гласаат оваа одлука и предлагаат сите оние кои го поддржуваат предлогот на градоначалникот, наместо да трошат од јавните пари на граѓаните, да направат лична донација со донирање на месечниот надомест за учество во Советот.
„Општина Центар со одлука веќе е милостива кон МПЦ бидејќи не им наплаќа пенали за незавршена градба на улица Македонија за црквата ‘Свети Константин и Елена’. Во Општина Центар МПЦ е коинвеститор-сопственик на дел од зградите кај ‘Холидеј ин‘“, велат од „Шанса за Центар“.
Градоначалникот и претставници од Општината добиле и покана да присуствуваат на осветувањето на камен-темелникот на црквата кое ќе се случи на 15 септември, четири дена откако предлогот ќе се разгледува во Советот.
Од кабинетот на Герасимовски велат дека каков и да биде резултатот од гласањето на Советот, тој нема намера да троши финансиски средства за патувања или слични намени што не се во функција на подобрување на животот на граѓаните на Општина Центар.
А. АНТЕВСКА