НЕ ЗНАЕМЕ ДАЛИ МОЖЕ ДА СЕ РЕАЛИЗИРА КОНКУРСОТ ЗА ТОА ШТО ДА СЕ ГРАДИ КАЈ ФАБРИКАТА „ТРЕСКА“, ВЕЛИ ГЕРАСИМОВСКИ

    НЕ ЗНАЕМЕ ДАЛИ МОЖЕ ДА СЕ РЕАЛИЗИРА КОНКУРСОТ ЗА ТОА ШТО ДА СЕ ГРАДИ КАЈ ФАБРИКАТА „ТРЕСКА“, ВЕЛИ ГЕРАСИМОВСКИОпштина Центар го раскина договорот со планерската куќа „Инпума“ и сега ќе бара нов планер кој треба да го направи планот. (Фото. СДК.МК)

    Просторот кај фабриката „Треска“ ќе се уредува заедно со Деталниот урбанистички план (ДУП) за Буњаковец 1и 2, а не како посебна целина. Не се знае и дали ќе се земат предвид решенијата од конкурсот за тоа што да се гради на просторот, кој по притисок на граѓанските организации, професори и архитекти лани беше распишан од Општина Центар. Општината го раскина договорот со планерската куќа „Инпума“ и сега ќе бара нов планер кој треба да го направи планот. Дотогаш ако некој побара дозвола за градба, Општината ќе мора да ја даде според стариот план кој предвидува цели блокови згради.

    Пробиени се сите рокови, а план не е направен. Новата планерска куќа ќе треба да предвиди решенија и за просторот кај ‘Треска‘. Не може тоа посебно да се прави, како што некој мислел. Дали нешто ќе биде применето од конкурсот ќе видиме, тоа треба да го кажат правниците, со оглед дека таму е приватно земјиште и не можеме да спречиме луѓето да дооформуваат парцели и да бараат да градат. Конкурсот кој беше спроведен е скапа анкета за слушање стручно мислење. Изминативе 4 години некој проблемите ги ставал под тепих за да се купи време“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

    На конкурсот, што Општина Центар во времето на ексградоначалникот Саша Богдановиќ го распиша за уредување на просторот, стигнаа три идејни решенија. Сите идејни решенија меѓу останатите содржини имаат вцртано и маркички за згради и деловен објект, што всушност се бараше во насоките на конкурсот кога беше распишан.

    Според Комисијата за избор на идејното решение која е составена од претставници на Асоцијацијата на архитекти, Архитектонскиот факултет, Град Скопје, Општина Центар и здружението „Плоштад слобода“, само едно решение во голем дел ја почитува зададена регулација, како и односот кон контактните подрачја, нуди соодветни предуслови за понатамошна разработка. Автори на тој, првонаграден труд се групата автори Јован Ивановски, Паолина Милушева, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски, Билјана Темелковска и Маја Јанковска

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира