НЕКОГАШНИТЕ ОПШТИНСКИ ЗГРАДИ ВО КУКЛИШ И МУРТИНО ЌЕ БИДАТ ПРЕТВОРЕНИ ВО ГРАДИНКИ

    НЕКОГАШНИТЕ ОПШТИНСКИ ЗГРАДИ ВО КУКЛИШ И МУРТИНО ЌЕ БИДАТ ПРЕТВОРЕНИ ВО ГРАДИНКИВо објектот во Куклиш ќе бидат згрижени 60-ина дечиња (Фото: СДК.МК)

    Административните згради на укинатите општини Куклиш и Муртино, кои потпаднаа под Општина Струмица, се адаптираат во градинки. До крајот на февруари идната година, се очекува објектите да бидат готови, за да можат да се опремат со потребниот инвентар. Општиските власти најавија дека во објектите во Куклиш и Муртино ќе бидат згрижени 86 деца, со што ќе се реши потребата на жителите од овие села.

    „Во објектот во Куклиш ќе бидат згрижени 60-ина дечиња, а во Муртино се работи на објект со капацитет за 26 дечиња. Ова е дополнување на нашата социјална програма и мислам дека и жителите на овие населени места ќе можат да ги уживаат бенефитите на вакво згрижување деца од предучилишна возраст“, кажа градоначалникот на Струмица, Јаневски.

    Немањето простор е еден од главните проблеми со кои се соочува „Детска радост“ од Струмица. Капацитетот на сите клонови изнесува околу 650, а сместени се двојно повеќе деца. Директорот на градинката Васил Бубев тврди идната година ќе почне изградба на нов објект, а ќе биде проширен и Клон 2.

    „Во буџетот на Министерството за труд и социјална политика веќе се планирани средства за таа намена и очекуваме идната година да се прошири Клон 2 во Струмица и да стартува изградбата на градинката во новата населба Касарна”, рече Бубев.

    Деновиве, струмичани преку форумски процес одлучија грантот од Швајцарската агенција за меѓународна соработка од 50.000 франци да биде насочен кон реконструкција и опремување на дел од клоновите на градинката во Струмица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира