Вториот дел од Градскиот парк во Скопје е полн со народ, а нигде нема неоштетена клупа. Од почетокот на пандемијата на ковид-19 и воведувањето на рестриктивните мерки на Владата, Градскиот парк во Скопје секој ден е преполн со посетители.
Град Скопје лани ги реновираше мостовите во паркот, но останатите содржини останаа нечепнати. За разлика од првиот дел кој е уреден со нова урбана опрема, во вториот дел на потегот од Луна паркот до крајот на паркот, целосно е уништена сета урбана опрема. Нема ниту една неоштетена клупа, сите се искршени и демолирани, фалат даски, а има и такви кои се изгорени. Половина од корпите за отпадоци се демолирани. Оние што се цели се недоволни за сето ѓубре, па отпад стои расфрлан и низ зеленилото и патеките. Патеките, пак, се изрешетани со дупки и прокопи на секој метар.
Во паркот слободно влегуваат коли бидејќи рампата која се наоѓаше на улицата зад Луна паркот сега ја нема. Нема ниту полиција или комунални редари од Градот да ги казнуваат граѓаните кои фрлаат ѓубре кај ќе стигнат и се паркираат во зеленилото.
Пред две години, од ЈП „Паркови и зеленило“ најавија дека заедно со Град Скопје прават проект за комплетно реновирање на вториот дел од паркот кој, како што, рекоа не бил чепнат 70 години. Тогаш најавија и дека дека ќе постават рампа на улицата зад Луна паркот за да се спречи коли да влегуваат во паркот и да се паркираат во зеленилото.
Од Градот сега кусо ни одговорија дека во тек е изработката на проект за реконструкција на вториот дел од Градскиот парк, со кој ќе бидат опфатени зеленилото, патеките и системот за наводнување. Кога ќе стартува обновата на овој дел не прецизираат.
А. АНТЕВСКА