НЕ ПАЃА ВЛАДАТА, „ОГНЕНАТА ГРУПА“ И АЛИ АХМЕТИ СЕ ДОГОВОРИЈА ДА СЕ ИЗБЕРЕ НОВО ПАРТИСКО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО

    НЕ ПАЃА ВЛАДАТА, „ОГНЕНАТА ГРУПА“ И АЛИ АХМЕТИ СЕ ДОГОВОРИЈА ДА СЕ ИЗБЕРЕ НОВО ПАРТИСКО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОАхмети на прес-конференција со бунтовничката група во која се Муса Џафери, Блерим Беџети, Изет Меџити, Невзат Бејта и Садула Дураку. (Фото: СДК.МК)

    По речиси шест часа, во седиштето на ДУИ во Мала Речица заврши средбата на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети со таканаречената „Огнена група“,  која од партијата и од нејзиниот лидер бараше спроведување на партиски реформи. По завршувањето на средбата, Амети на заедничка прес-конференција со членовите на „Огнената група“ рече дека дебатата во партијата ќе продолжи и најави дека во средината на октомври ќе се одржи Централно собрание на партијата на кое ќе се избере ново претседателство.

    „Денеска имавме разговор со долгогодишнте соработници, со нив сум поминал во многу битни процеси, во многу успеси. Разговаравме, и во суштина дебата се враќа внатре во партијата. На 15 октомври ќе има Централно собрание каде што ќе се разговара за политичката ситуација и ќе се избере новото претседателство, кое веднаш, истиот ден, ќе се врати во седиштето на ДУИ каде што, меѓу другото, ќе се разговара за политичката ситуација и ќе има отчет од владиниот состав на ДУИ“, изјави Ахмети на прес-конференција придружуван од бунтовничката група во која се Муса Џафери, Блерим Беџети, Изет Меџити, Невзат Бејта и Садула Дураку.

    На новинарско прашање дали е изгаснат огнот на „Огнената група“, Ахмети рече дека немало оган и дека ќе продолжи партиската дебата.

    „Врз основа на анализата ќе продолжиме понатаму со дебатите. Нема оган, нема пламен. Карактеристика на ДУИ е тоа што никогаш немало напори да се изгасне различното размислување, да се истисне или да се војува против различно размислување, напротив, со почитување на тоа сме дошле до правите одлуки. Значи нема оган, и нема да има“, изјави Ахмети.

    Пратеникот Изет Меџити, еден од членовите на „Огнената група“, на новинарско прашање рече дека е задоволен од постигнатото на разговорите, а за побараната смена на вицепремиерот Артан Груби рече дека ќе се продолжи со дебатирање околу нивните барања.

    „Задоволен сум. Дебатата ќе се врати во ДУИ, органите ќе одлучат за тоа што понатаму со нашите барања“, рече Меџити.

    До оваа средба и одлуки дојде откако на 24 септември медиумите го објавија писмото упатено од „Огнената група“, во која меѓу друготе се и двајца пратеници и градоначалници и други високи државни функционери, до раководството на партијата, со кое побараа да запре војната во партијата, а одредени функционери од извршната власт да понесат одговорност. Ова е втора средба по онаа на 29 септември, во која се дебатираше за внатрепартиски договор.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира