Нема сезонски работници за чистење на Скопје. Со години, ЈП „Комунална хигиена“ преку договори за дело ангажира дополнителни луѓе за чистење и метење на улиците, собирање на лисја, празнење на корпите за џебен отпад. Овие лице се ангажираат од месец февруари.
Но, годинава сезонски работници за чистење на Скопје нема, па поради тоа голем дел локации кои досега тие ги чистеле се оставени со ѓубре или се метат еднаш месечно.
Директорката на „Комунална Хигиена“ Косана Мазнева вели дека е блокирана да ги спроведува своите тековни активности благодарение на советниците во Советот на Град Скопје, кои не гласаат за ангажирање сезонски работници.
„На последната седница, како и на сите претходни оваа година, токму мнозинството во Советот на Град Скопје одбива да ја изгласа Програмата за активности на претпријатието во која се предвидува и ангажманот на времени работници за одржување на хигиената во главниот град. Мнозинството не дава никакви аргументи за ваквата нивна одлука да ја блокираат ‘Комунална хигиена’, а со тоа активно предизвикуваат застој во ефикасното одржување на градската хигиена. Од за мене неразбирливи причини, кои најверојатно се во доменот на политички инает и политикантство на поединци, се става во ризик здравјето и благосостојбата на граѓаните“, вели директорката Мазнева.
Откако градоначалничката Данела Арсовска се скара со партијата ВМРО-ДПМНЕ, која ја донесе на функцијата, советниците од оваа партија кои се мнозинство во Советот не ги гласаат точките кои таа ги предлага. Едни исти точки, меѓу кои и програмите за работа на јавните претпријатија, се ставаат на дневен ред на секоја седница, но нема доволен број гласови за да бидат усвоени.
А. АНТЕВСКА