НЕМА ВЕЌЕ ДА СЕ ПРОДАВААТ ЛУБЕНИЦИ ВО КОЗЛЕ, ГРАД СКОПЈЕ ЈА РЕНОВИРА УЛИЦАТА БРАДФОРДСКА

    НЕМА ВЕЌЕ ДА СЕ ПРОДАВААТ ЛУБЕНИЦИ ВО КОЗЛЕ, ГРАД СКОПЈЕ ЈА РЕНОВИРА УЛИЦАТА БРАДФОРДСКА„Со оглед на тоа што вршиме обнова и на тротоарите ќе го заштитиме јавниот простор од дива продажба што беше синоним за оваа улица“, рече градоначалникот Петре Шилегов кој денеска со градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев изврши увид на градежните работи.(Фото: Општина Карпош)

    На улицата Брадфордска во населбата Козле летово нема диви продавачи од камиони да продаваат лубеници. Град Скопје почна со комплетна реконструкција на оваа улица, која предвидува покрај коловозот да бидат изведени и тротоари од двете страни на улицата, на кои ќе бидат поставени заштитни столпчиња за да не можат да бидат окупирани од камиони кои продаваат сезонско овошје и зеленчук.

    Ќе биде извршена целосна реконструкција на коловозот со вкупна површина од околу 2,500 метри квадратни, како и тротоарска површина од 273 метри квадратни.

    „Почнавме со реконструкција на улицата Брадфордска, која е рак рана на скопјани оти 10 години не е чепната. Овде во практика може да се види и новиот комунален ред што го воспостави Град Скопје, а тоа е компаниите на отворен повик да се пријават за извршување на прекопи, бидејќи потоа нема да биде дозволено. Со оглед на тоа што вршиме обнова и на тротоарите ќе го заштитиме јавниот простор од дива продажба што беше синоним за оваа улица. Очекувам во наредните денови да се интензивираат градежните активности и до крајот на месецот да имаме целосно реконструирана и побезбедна улица за сите учесници во сообраќајот“, рече градоначалникот Петре Шилегов кој денеска со градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев изврши увид на градежните работи.

    Реконструкцијата на улицата Брадфордска чини околу 5,3 милиони денари. Додека се одвиваат градежните активности, на улицата ќе биде воведен привремен режим на сообраќај. Од Град Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено поставениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари