НЕВРЕМЕ ВО ВЕЛЕС НОСЕШЕ ПОКРИВИ, КОРНЕШЕ ДРВЈА И ГИ ПОПЛАВИ УЛИЦИТЕ

    НЕВРЕМЕ ВО ВЕЛЕС НОСЕШЕ ПОКРИВИ, КОРНЕШЕ ДРВЈА И ГИ ПОПЛАВИ УЛИЦИТЕИма откорнати дрвја на повеќе локации во градот,поплавен дом, но нема повредени. (Фото: СДК.МК)

    Невремето кое претпладнево го зафати Велес поплави улици и домови, откорна дрвја и покриви. Оштетни се автомобили и парализиран е сообраќајот во централното градско подрачје. Обилниот дожд, проследен со силен ветер и град, беше регистриран во периодот од 10 до 10,30 часот.

    „Има откорнати дрвја на повеќе локации во градот и еден поплавен дом. Тоа е засега што добивме како реакција од граѓаните“, соопштија од Центарот за управување со кризи.

    Екипите на ЈКП „Дервен“ се веќе на терен и ги расчистуваат штетите од невремето, а интервенира и велешката Противпожарна единица. Од велешката Пожарна кажаа дека засега имаат четири интервенции на различни локации од градот, поради испумпување на вода од домовите или отстранување на паднати дрвја.

    Во службата за Брза помош немало побарано интервенции поради повреди од невремето, но поради блокираниот град отежнато им е работењето.

    „Одредени делови на градот не се достапни, поради паднати дрвја и нашите екипи не можат да стигнат до лицата на кои им е потребна здравствена помош. Им кажуваме со каква ситуација се судруваме и наидуваме на разбирање“, вели д-р Лидија Проданова од Брзата помош.

    Меѓу бројните оштетувања е и паднатиот покрив на поранешен „Монопол“, кој паднал на дел од пругата на железничката станица во Велес, но никој не е повреден, а железничкиот сообраќај се одвива непречено.

    Дождот го изгасна пожарот нај железничка постојка Орешка Чука. Тој гореше од вчера попладне и првичните проценки се дека е изгорена површина од околу 250 хектари.

    „Опожарена е нискостеблеста дабова шума, лозја, трева, трње. Дождот кој падна го изгасна огнот. На терен од вчера беа екипи на Пожарната единица на Велес, шумско стопанство Бабуна, локално население. Во гасењето на огнот активно учествуваше и противпожарниот воз на Македонски железници, бидејќи огнот беше покрај самата пруга“, кажа Љупчо Лепидовски, командир на Пожарната во Велес.

    Железничкиот сообраќај се одвива според возниот ред, освен што пладневниот патнички воз од Скопје за Битола кој тргнува во 14,30 поради безбедносни причини вчера не бил пуштен да помине по пругата.

    Претходните десетина дена беа регистрирани два големи пожара во Ввелешко покрај железничката пруга, едниот кај железничка постојка Пчиња, вториот кај железничка станица Рајко. И двата зафатија површина од околу 250 хектари нискостеблеста шума, и трева.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира