НИКОЈ НЕМА ДА ГО ПРИВАТИЗИРА СТРУШКИОТ БРЕГ, САМО ЌЕ СЕ ПОДЕЛИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МЕРКО

    НИКОЈ НЕМА ДА ГО ПРИВАТИЗИРА СТРУШКИОТ БРЕГ, САМО ЌЕ СЕ ПОДЕЛИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МЕРКОНа една од седниците на струшкиот Совет ќе се расправа за планот за парцелизација на брегот во кој ќе се наведе кои делови можат да се користат за плажи а кои не, а потоа ќе се донесе одлука за распишување на тендери за концесионирање со плажите. - Чистење на делот од брегот во близина на Женска плажа во Струга на 16 август годинава (Фото:СДК.МК)

    Никој нема да го приватизира струшкиот брег, тоа се шпекулации на опозицијата, вели градоначалникот на Струга Рамиз Мерко по обвинувањата дека преку Советот на Општината имал намера целиот брег да го даде под концесија.

    „Нема никаква одлука на Градскиот совет за ова прашање. Ние на една од седниците ќе го поставиме планот за парцелизација на брегот во кој ќе се наведе кои делови можат да се користат за плажи а кои не. Дури после тоа ќе се однесе одлука за распишување на тендери за концесионирање со плажите. Ние строго ќе го почитуваме критериумот 40-60 отсто од плажата да биде слободен за користење без оптоварување со лежалки и други реквизити ”, ни изјави градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

    На обвинувањата на опозицијата, дека е притиснат од некои бизнисмени, финансиери на неговата кампања да го даде под концесија струшкиот брег, Мерко вели дека не ѝ се лути на опозицијата.

    „Нејзина работа е да критикува, не очекувам да ме фалат“, вели Мерко.

    Советниците на Алијансата за Албанците, кои се опозиција во Советот, го обвинија Мерко дека предлогот за давање под концесија на струшкиот брег е злосторство против природата.

    „Сведоци сме на обиди на Рамиз Мерко и неговата компанија, да биде изгласан темниот план за узурпирање на брегот на езерото. Го видовме очајот на градоначалникот притиснат од некои бизнисмени и финансиери на неговата кампања за трансформирање на природната убавина на нашиот град во приватни објекти и бизниси“, се вели во соопштението на Алијансата за Албанците.

    Тие тврдат дека со новиот предлог ќе се узурпира целиот брег без исклучок, од влезот до излезот на градот.

    „За да биде ситуацијата пострашна, се предвидува дека зелените површини и деловите на трската може да се претворат во приватни плажи“, се вели во изјавата на струшкиот разгранок на Алијансата за Албанците.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира