НОЕМВРИ ЌЕ БИДЕ РЕКОРДЕН ПО БРОЈ НА ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19 ВО ТЕТОВСКО

    НОЕМВРИ ЌЕ БИДЕ РЕКОРДЕН ПО БРОЈ НА ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19 ВО ТЕТОВСКОСамо во првите 15 денови од месецов има регистрирано 963 заболени од ковид-19, а 31 лице се починати. (СДК.МК)

    Од почетокот на пандемијата со ковид-19 во февруари па до крајот на октомври, бројот на заболените во Тетовско од месец во месец варира, а според податоците од Центарот за јавно здравје во Тетово, најкритични биле месеците јуни и октомври. Бројот на заболени во мај е 135, за веќе во наредниот месец нагло да порасне на 487. Потоа, следи благо опаѓање на бројот на заболените, за да во октомври нагло се покачи на дури 740. Во ноември овој број ќе биде далеку поголем, бидејќи само во првите 15 денови од месецов има регистрирано 963 заболени, а 31 лице се починати.

    „Имавме периоди кога имало хоспитализирано различен број пациенти, по 2-3, па имало 5 па после само еден. Овој месец таа бројка драстично порасна. Сега, во ковид-центарот на Клиничката болница во Тетово на лекување во болнички услови има 44 пациенти, а само пред седум денови таа бројка беше дури 55. Сите тие се пациенти со тешка клиничка слика и се на кислородна терапија. Во изминативе неколку денови имаме мало намалување на бројот на заболените но, се плашам ова да не е како затишје пред бура, и најверојатно е дека бројките повторно ќе почнат да раснат. Сепак, ние целосно сме подготвени и можеме веднаш да направиме реорганизација ако се јави потреба, па ако треба целата Клиничка болница ќе ја направиме ковид-центар“, изјави д-р Гзим Хуредини, координатор во Ковид-центарот во Клиничката болница во Тетово.

    Според податоците од Центарот за јавно здравје, во периодот февруари-октомври во Општина Тетово и петте Општини од регионот починале 101 заболен од ковид-19. Најсмртоносен бил месецот јуни со 34 починати, но овој рекорд сигурно ќе биде соборен во ноември бидејќи досега има над 30 починати пациенти.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира