НОВИНАРОТ И ФОТОРЕПОРТЕР ПЕТАР СТАВРЕВ JA ДОБИ БИТОЛСКАТА НАГРАДА „4 НОЕМВРИ“ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

    НОВИНАРОТ И ФОТОРЕПОРТЕР ПЕТАР СТАВРЕВ JA ДОБИ БИТОЛСКАТА НАГРАДА „4 НОЕМВРИ“ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛОСтаврев располага со најбогатата фотодокументација за Битола поврзана со настани и личности. (Фото: СДК.МК)

    Неуморниот хроничар на Битола, новинар и фоторепортер Петар Ставрев, кој на 81 година од животот и понатаму активно твори, е добитник на највисокото признание на Општина Битола, наградата за животно дело „4 Ноември“. Наградата ќе му биде врачена в петок на свеченоста по повод 78-годишнината од ослободувањето на градот од фашистичката окупација. Ова е првпат откако е востановена наградата добитник да биде новинар.

    „Во пресрет на Денот на ослободувањето на градот да ги промовираме квалитетот што го има овој град. Наградата за животно дело на мое задоволство и на задоволство на новинарската фела ја доби Петар Ставрев“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

    Ставрев кариерата ја започна како новинар во Радио Битола, беше дописник на весникот Вечер, пишуваше и во Битолски весник, Нова Македонија. Беше главен уредник во ТВ Тера од почетоците во 1993, соработуваше и со ТВ Орбис. Ставрев е автор и на документраните емисии „Патуваме откриваме“, како и музичката емисија „Двапати исто, но сепак различно“ на ТВ Тера. Со новинарски ангажман моментално е во весникот Пензионер, а подолго време го подготвуваше и весникот Занаетчија во Битола.

    Тој располага со најбогатата фотодокументација за Битола поврзана со настани и личности, па слободно за фотографија може да се нарече втор Милтон Манаки. Досега има организирано повеќе фотографски изложби. Како голем вљубеник во планината и покрај возраста и понатаму се искачува на Пелистер, од каде има збирки со илјадници фотографии.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира