Град Скопје денеска почна со монтирање на новогодишната елка на Плоштадот Македонија. Елката ќе стои на црвена платформа, поставена над пропаднатата фонтана.
Од Град Скопје уште не кажуваат кој го краси градот, колку чини украсувањето, дали е склучен договор или украсувањето е донација. САКАМДАКАЖАМ.МК на 4 декември испрати прашања до кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска во кои побаравме одговори дали е распишан тендер за украсување, кога е распишан, која фирма ќе украсува и колку ќе чини. Одговори сè уште нема.
На веб-страната на Бирото за јавни набавки до денеска нема објавено тендер за склучен договор од Град Скопје за новогодишно украсување, туку само оглас за набавка на новогодишни пакетчиња. На веб-страната на Град Скопје има објавено јавен повик за огранизирање новогодишен базар, кој не го вклучува новогодишното украсување. Повикот за новогодишиот базар кој треба да предвиди забавна новогодишна програма беше отворен до 6 декември.
Минатата година, Арсовска го накити градот без тендер и никогаш не кажа кој украсуваше. Рече само дека се потрошени 30.000 евра, но не даваше одговор на кого се исплатени парите и врз основа на каков договор.
За овој случај во Град Скопје влезе Финансиската полицијата и оформи предмет.
„Во тек се проверки за утврдување на фактичката состојба, како и прибирање на потребниот доказен материјал, но поради тајност на предистражната постапка согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка, не сме во можност за истите подетално да ве информираме“, ни изјавија од Финансиската полиција на 2 октомври.
Откако лани Финансиската полиција влезе во Градот да врши проверки, градоначалничката Арсовска на официјалниот фејсбук профил објави фотографија како игра шах со Дедо Мраз.
А. АНТЕВСКА