Никако да почне судскиот процес против Марија Давчевска (38) и Никола Антониевски (46) од Велес, родителите на трите деца кои изгореа во пожар, лани на 20 јуни. На трите рочишта во Основниот суд Велес, почнувајќи од јуни заклучно со октомври, не се појавуваат обвинетите. Нив не може да им се достави покана, бидејќи не можат да ги најдат на адресата каде живеат, во социјалниот стан кој им го додели државата. Судијката Валентина Ѓорѓиевска денеска рече полицијата не постапувала на барањето на судот да се обезбедат обвинетите. Доколку така полицијата постапи и за следното рочиште, судот ќе се жали до министерот Спасовски, најави судијката.
Велешкото обвинителство поднесе обвинителен акт, со кој на Давчевска и Антониевски им се заканува казна затвор и до десет години за Запуштање и малтретирање на дете. Тие не го заштитиле животот и здравјето на децата што е нивна должност согласно одредбите од Законот за семејство..
Со тоа што ги оставиле сами во куќата обвинетите постапиле крајно несовесно и не воделе сметка за живот и здравјето на децата. Се работи за деца кои според својата возраст не можеле да се грижат сами за себе, констатирало Обвинителството.
Двајцата обвинети Давчевска и Антониевски на 20 јуни лани година грубо ја запоставиле должноста за грижа и воспитување и ги запуштиле трите деца така што подолго време од денот ги оставиле децата сами во куќата во која живееле, а која ја сочинувала само една просторија. Во временскиот период во кој децата биле оставени сами, во куќата избувнал пожар во кој сите три деца го загубиле животот. Во пожарот изгореа Драгана четири, Петар две и Теона една година. Нивните тела беа пронајдени јагленосани.
П. ПЕЧКОВ