ОД 98 ОТСТО, ОПФАТОТ НА ВАКЦИНАЦИЈА НА ДЕЦА ВО ВЕЛЕС ПАДНА НА 80 НАСТО

    ОД 98 ОТСТО, ОПФАТОТ НА ВАКЦИНАЦИЈА НА ДЕЦА ВО ВЕЛЕС ПАДНА НА 80 НАСТОКарванот го организира Министерството за здравство, заедно со СЗО, УНИЦЕФ и УСАИД. (Фото: СДК.МК)

    Опфатот на вакцинацијата на децата од школска и претшколска возраст паѓа во цела земја, но Велес и со 80 отсто опфатност е меѓу водечките општини. До пред пет години Велес беше при врвот во земјава, со вакцинација на децата од 95 до 98 отсто.

    Падот се должи на засилената антиваксерска кампања која се води по социјалните мрежи.

    „Се бележи пад посебно во вакцинацијата на децата од претшколска возраст и тешко се достигнува процентот од 95 отсто со кој ги заштитуваме од болести. Тоа се должи на сомнежите кај родителите, поттикнати од активни антивакцинални кампањи, од непроверени содржини на социјални медиуми, споделување на неточни и невистини информации. Делумно и во недоверба на здравствениот систем, за сомнежите за квалитетот на вакцините и нивниот квалитет и потекло. Како доктори ние ги запознаваме родителите за сите вакцини, разговараме со нив, ги информираме, едуцираме, одговараме на дилемите, за можни несакани реакции, за потеклото и рокот на вакцината“, кажа д-р Марина Тодоровска од  Здравствен дом Велес.

    Во осум градови низ земјава во тек е информативниот караван за вакцинација, во организација на Министерството за здравство со поддршка од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Светската здравствена организација (СЗО).

    Под слоганот „Заштитени заедно–вакцините делуваат“ караванот пренесува информации до локалните заедници за сите редовни вакцини за деца, вакцините против сезонски грип и ковид-19.

    Во Велес, освен што се информираа за вакцинацијата, дел од граѓаните се пријавуваа за вакцинирање против сезонски грип, оти матичните не сакале тоа да го сторат. За оваа вакцина владее голем интерес, во првите два дена во Велес бесплатно вакцинирани биле 250 лица. Петмина граѓани ја искористија можноста и на пунктот се вакцинираа против ковид-19 со вакцината на „Фајзер“.

    Караванот денес ги посети и населбите Чашка и Бузалково.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира