ОД ДЕНЕС БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ, КАЗНЕТИ 25 ФИРМИ ЗАГАДУВАЧИ

    ОД ДЕНЕС БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ, КАЗНЕТИ 25 ФИРМИ ЗАГАДУВАЧИШилегов ги повика и сите скопски градоначалници да донесат одлука за стопирање на градење а вработените во Градот да доаѓаат на работа со автобус. (Фото: Град Скопје)

    Од денес превозот во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници е бесплатен. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денес ги објави мерките кои ги воведува Градот за намалување на загадувањето на воздухот откако изминатите два дена нивото на ПМ честичките беше над дозволеното ниво.

    Покрај бесплатниот превоз стопирани се сите градежни активности на градилиштата надлежност на Град Скопје. Шилегов ги повика и сите скопски градоначалници да донесат одлука за стопирање на градење а вработените во Градот да доаѓаат на работа со автобус. Службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат.

    „Ги повикувам градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла. Го повикувам Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот. Го повикувам Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции. Барам од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација. Барам од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот“, рече Шилегов.

    Градоначалникот Шилегов рече дека нивните инспектори досега казниле 25 компании кои не ги почитувале одредбите на Законот за јавна чистота.

    „Градот Скопје изминативе денови вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност и притоа изврши контрола на 30 Б инсталации и 36 инсталации кои подлежат на одобрување на Елаборат за животна средина, со мерење на емисии во воздух. Притоа е утврдено дека ниту една инсталација во наша надлежност не ги надминува граничните вредности. Комуналните инспектори на Град Скопје во изминатиов период направија 1.234 контроли и изрекоа 25 парични казни на компании заради непочитување на одредбите од Законот за јавна чистота“ рече Шилегов.

    Тој апелираше до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира