Според официјалната статистика во Општина Охрид, 145 граѓани годишно умираат директно или индиректно од загаден воздух, а сè поголем број заболуваат од болести директно поврзани со загадувањето и лошиот квалитет на живот, алармираат од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“. Бараат кандидатите за градоначалник на престојните Локални избори да кажат како со конкретни чекори ќе ја намалат оваа смртност во Охрид.
„Овие избори не смеат да поминат без јавни и отворени заложби за решавање на најмачните проблеми на охриѓани и сите други граѓани од околните населени места како Буково, загадениот воздух, сѐ поголемиот и посериозен број на ѓубришта низ целата општина, одлагањето на опасен и канцероген отпад, намалениот број на зелени површини и зголеменото загадување на најголемиот резервоар на питка вода и извор на животот во Охрид, Охридското Езеро“, велат од Иницијативата „Збогум Буково“.
Моментално се прават активности за спроведување на првиот систем за управување со отпад во двата региони, Југозападен и Пелагониски, и сите напори во Охрид остануваат на две лица од Општината, комуналното претпријатие и граѓаните.
Оттаму додаваат дека без конкретна континуирана поддршка од градоначалникот и целосна посветеност и разбирање на сериозноста на овие проблеми, без земање в раце и сработување на она што веќе е планирано, загадувањето и бројот на мртви и новозаболени ќе се зголемува.

Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ неодамна подели канти за селекција на пластика и хартија на 600 домаќинства. (Фото: СДК.МК)
„Проблемот веќе е преголем и секој ден во којшто не се спроведуваат конкретни мерки е еден изгубен ден од животите на нашите деца. Бараме кандидатите да се одважат и конечно да проговорат што ќе прават со еколошките проблеми во Охрид, бидејќи тие треба да знаат дека оваа еколошка криза што ја живееме е криза на јавното здравје“, вели екологистот Ѓоко Зороски.
Од „Збогум Буково“ бараат кандидатите да бидат временски прецизни со конкретни активности за проблемите, како што е постојаното чадење на Буково и ризиците кои ги носи оваа нестандардна депонија по здравјето преку целокупното загадување како на воздухот така и на подземните води, да има функционална инфраструктура за селекција на отпад, регионална соработка за изградба на регионална депонија според највисоки стандарди и конечно правилно управување со ѓубрето. Како дел од нивните барања се и изградба на собирен центар за кабаст, зелен и опасен отпад со цел спречување да се создаваат ѓубришта или таканаречени диви депонии, изградба на компостарница за искористување на огромните количини зелен отпад, ефикасност на инспекциските служби за животна средина, како и повеќе зелени површини во градот заради намалување на загадувањето, зголемување на отпорноста кон климатските промени и зголемување на квалитетот на животот најмногу на децата и највозрасните.
„Сепак има надеж, а надежта ја гледаме во оние што доаѓаат да ги заменат возрасните, тоа се нашите деца. Учениците од четири основни училишта во Охрид веќе цела година ги собираат пластичните шишиња, лименките и ситниот електронски отпад не само во рамките на училиштето туку и во целата околна населба. Тоа се илјадници пластични шишиња, лименки и батерии кои не горат на Буково. Благодариме на овие посветени наставници и деца“, додаваат од Иницијативата „Збогум Буково“.
Систем за управување со отпад значи и поставување на инфраструктура која ќе овозможи ефикасна примарна селекција на различните категории отпад во домаќинствата, компаниите, угостителските објекти и другата индустрија. Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ неодамна подели канти за селекција на пластика и хартија на 600 домаќинства.
С. ВРЕНЦОВСКА