ОД ЗАТВОРОТ К`ШАЊЕ АМНЕСТИРАНИ СТОТИНА ЗАТВОРЕНИЦИ

    ОД ЗАТВОРОТ К`ШАЊЕ АМНЕСТИРАНИ СТОТИНА ЗАТВОРЕНИЦИСо Законот за амнестија на осудени лица опфатени се 109 затвореници од К'шање, 59 ќе бидат ослободени целосно, а 50 лица имаат делумно намалување на казната (Фото: МИА)

    Во Казнено-поправната установа затвор К`шање со отворено одделение во Крива Паланка, со Законот за амнестија на осудени лица опфатени се 109 затвореници. Од нив 59 ќе бидат ослободени целосно, а 50 лица имаат делумно намалување на казната.

    „Лицата кои се осудени на казна затвор до 6 месеци се ослободуваат веднаш, а лицата со правосилни пресуди над 6 месеци се ослободуваат делумно, односно имаат намалување на казната затвор за 30 отсто “, изјави директорот на затворот Марјан Спасовски.

    Затворот К`шање има капацитет за 200 осудени лица и 50 за притвор. Условите во овој затвор се најдобри во однос на другите во државата, бидејќи затворот е нов и беше пуштен во употреба пред 5 години.

    Амнестијата не се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда на казна доживотен затвор, убиство, кривични дела против избори и гласање, против полова слобода и половиот морал, кривични дела против државата, кривични дела против јавниот ред и мир, кривични дела против човечноста и меѓународното право. Амнестијата не се однесува и на лицата кои кривичните дела ги сториле по 20.09.2017.

    Се очекува на ниво на државата да бидат ослободени од издржување на казната затвор над 650 лица осудени до 6 месеци, а на 3.000 лица ќе им биде намалена казната за 30 отсто.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари