Најголемиот проблем по улиците во Велес се непрописно паркираните возила. Тоа го покажуваат и бројките на пишани казни од сообраќајната полиција лани. Од 8.200 прекршочни налози кои биле пишани поради сообраќајни прекршоци во Велешко лани, 1.272 биле за погрешно паркирање.
„Освен сообраќајната култура, проблем е што во градот немаме пајак служба. Таа би ни помогнала за отстранување на овие возила. Денес организираме едукација на граѓаните за непрописно паркирање, утре тие ги повторуваат грешките“, кажа Ненад Дејаноски, в. д. командир на ПС Велес.
Граѓаните се лути затоа што наместо по тротоарите, се движат по улица и се чувствуваат небезбедно. Недостигот на пајак службата во Велес ја ограничува работата на надлежните служби.
„Според Законот за урбано зеленило, забрането е паркирање и оставање на моторните возила на зелените површини. Има граѓани кои спортуваат и се рекреираат во Градскиот парк, а возилата ги остават во зеленилото. Апелирам колите да ги оставаат на паркинг“, вели комуналната инспекторка Ирена Левкова.
Граѓаните сметаат дека се потребни казни, но и обезбедување паркинг, кој би се наплаќал. Како излез од ваквата состојба, локалната власт започна со изградбата на подземна катна гаража на три нивоа во центарот на Велес, што треба да заврши догодина. Капацитетот е сто возила.
П. ПЕЧКОВ