ОГРАБЕНА И ФРЛЕНА ВО ВАРДАР КУТИЈАТА ЗА ДОНАЦИИ ЗА ХРАНА ВО ВЕЛЕС

    ОГРАБЕНА И ФРЛЕНА ВО ВАРДАР КУТИЈАТА ЗА ДОНАЦИИ ЗА ХРАНА ВО ВЕЛЕСПреку кутијата за донации пред гостилницата „Боем“ се обезбедуваа парични донации од граѓани, но и донации во свежи градинарски култури за кујната за социјално ранливите категории во Велес преку непрофитната организација „Нула за гладот во Велес“. (Фото: СДК.МК)

    Кутијата за донации, со која граѓаните оставаа пари за хуманитарна помош во храна од Велес, вчера биле украдена од пред гостилницата „Боем“, а денес е најдена празна и фрлена во реката Вардар, објави непрофитната организација „Нула за гладот во Велес“ на нивниот фејсбук профил. Нивната активност е поддржана и од Општинскиот Црвен крст на Велес.

    „На ‘чесниот сторител’ му посакуваме многу среќа и во здравје да си ги троши парите. Веројатно ќе му ги решат сите проблеми. Исто така, му порачуваме дека откако парите ќе се потрошат добредојден е во кујната, доколку е повторно гладен. Ќе му обезбедиме оброк на драго срце“, велат од организацијата и додаваат дека нивната мисија за нула гладни во Велес останува непоколеблива.

    Првите шест месеци од акцијата истекуваат во јануари следната година, а планираат нови шест месеци со нови или стари поддржувачи на проектот.

    Кујната која ги снабдува социјално ранливите категории во Велес преку непрофитната организација „Нула за гладот во Велес“ работи од 8 јули годинава, секојдневно обезбедува оброк преку гостилницата „Боем“ за 20-тина лица, а во првите три месеци од работата биле дадени 2,6 илјади оброци. Преку касата за донации пред „Боем“ се обезбедуваа парични донации од граѓани, но имаше и донации во свежи градинарски култури. Со финансиски средства како донатори месечно се јавуваат и неколкумина велешани кои живеат во странство, како и поранешниот фудбалер Панче Ќумбев и Евангелската црква со пасторот Филип.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира