ОХРИД И СТРУГА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА ЌЕ ДОБИЈАТ МОНТАЖНИ КОВИД БОЛНИЦИ

    ОХРИД И СТРУГА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА ЌЕ ДОБИЈАТ МОНТАЖНИ КОВИД БОЛНИЦИВо Струга е подготвен теренот за монтажната болница со 35 кревети. (Фото: СДК.МК)

    Започнаа градежните зафати за подготовка на теренот за поставување на модуларната болница во Охрид за лекување на пациенти заболени од коронавирусот, а според најавите од Охрид и Струга, монтажните ковид болници ќе бидат поставени до крајот на годинава.

    Ковид објектот во Охрид, кој ќе биде веднаш до Инфективното одделение, ќе има 40 кревети и целосна медицинска опрема. Болничкиот комплекс ќе добие и кислородна станица за снабдување со кислород на сите одделенија, бидејќи како што велат оттаму, дневните потреби се големи, се трошат и до педесет кислородни боци.

    „Охрид како град заслужува да има една таква кислородна станица за следните 50 години без разлика какви болести ќе дојдат. Населението да има доволни количини на едноставен начин да добива кислород. Да нема вака префрлување на боци и други работи“, вели д-р Горан Балевски, директор на Општа болница Охрид.

    Модуларната болница значително ќе ги зголеми капацитетите на Инфективното одделение во Општата болница и ќе го олесни справувањето со здравствената криза во Охридскиот Регион. Во моментов, во Охридската болница има 105 хоспитализирани, од кои педесет се на кислородна поддршка, а има десетина слободни кревети.

    „Пред два дена, еден 29-годишен пациент го препративме на Инфективната клиника во Скопје со тешка клиничка слика. Лежечките пациенти се на возраст од 40 до 89 години“, додава Балевски.

    Во Струга, теренот е подготвен за модуларната болница. Оттаму велат дека конечно ќе почнат нормално да функционираат, бидејќи од почетокот на пандемијата Струшката болница се справува со коронавирусот и покрај тоа што нема Инфективно одделение.

    „Со модуларната болница, која ќе има капацитет од 35 кревети, нормално ќе почне да функционира Општа болница Струга, бидејќи таму исклучиво ќе се примаат заболените од ковид-19, но секако доколку има потреба ќе се користи и дел од Интерното одделение. Моментално, во болнички услови имаме 41 хоспитализиран пациент. Имаме 3 слободни кревети“, вели Бранкица Мариноска, главна сестра на Општа болница Струга.

    Моментално, во Охрид има 574 активни случаи на коронавирус, а во Струга 457.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира