ОХРИД И СТРУГА ЌЕ БИДАТ УКРАСЕНИ И ОСВЕТЛЕНИ ЗА НОВА ГОДИНА ОТИ ОЧЕКУВААТ МНОГУ ГОСТИ

    ОХРИД И СТРУГА ЌЕ БИДАТ УКРАСЕНИ И ОСВЕТЛЕНИ ЗА НОВА ГОДИНА ОТИ ОЧЕКУВААТ МНОГУ ГОСТИВо Орид ќе има новогодишен дочек на плоштадот; - Од ланското украсување. (Фото: СДК.МК)

    Плоштадите на Охрид и Струга ќе бидат украсени и осветлени за Нова година, и покрај енергетската и економска криза, но обете општини засега не објавуваат точен термин кога ќе почне украсувањето.

    Од Општина Струга најавија концерт за најмладите, но без масовен дочек на Новата година на Плоштадот Мајка Тереза. Велат дека поради кризата и препораките за штедење прославата ќе биде скромна, за што општината издвои 5.000 евра.

    „Увидовме дека, без оглед дека има енергетска криза, граѓаните сакаат нешто повеќе да се направи и во делот на украсувањето. Најголемиот дел се однесува на ангажирање на музичарите за одржување на концерт за деца, но ќе направиме надополнување на програмата за новогодишниот дочек“, вели Арбреша Влаши, претседателка на Совет на Општина Струга.

    Општина Струга веќе неколку месеци штеди струја, јавното осветлување се исклучува, но за време на празниците ќе нема рестрикции оти се очекуваат голем број туристи.

    „Тоа значи дека за време на празниците, новогодишните и божиќните, централното јадро во градот ќе биде осветлено и ќе се прилагодиме кон празничната атмосфера“, додава Влаши.

    За бројните туристи кои се очекува новогодишната ноќ да ја дочекаат во Охрид ќе има и организиран дочек на градскиот плоштад. Градоначалникот Кирил Пецаков вели дека целокупната организација нема да чини повеќе од лани, околу 12.000 евра. Забава ќе има на 31 декември и на 1 јануари.

    „Охрид е туристичко место, туристички град и нема да трпи воопшто ниту на украсувањето, а секако ниту на новогодишната забава за охриѓани и туристите да уживаат“, вели Пецаков.

    Градоначалникот смета дека организирањето новогодишен дочек ќе привлече голем број туристи и ќе нема финансиски импликации за Општината.

    „Ние како локална самоуправа, ако го тргнеме настрана ЈП ‘Водовод’, сме ги расчистиле сите долгови без оглед дали биле за греење, за електрична енергија или како било настанати во образованието, и локалната самоуправа воопшто не должи. Имаме една друга работа, тоа е јавното осветлување кое е приватно партнерство склучено 2014/2015 кое го стопанисува приватна фирма и тие си имаат посебен договор за набавка на електрична енергија, така што Општината ќе нема какви било финансиски импликации за одржување прослава“, вели Пецаков.

    За време на претстојните празници во Охрид се очекуваат голем број домашни гости и туристи од соседството.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира