Охридското крајбрежје и ова лето ќе остане без уредени плажи оти Агенцијата за просторно планирање на еден месец пред почетокот на сезоната сè уште не го изработи Планот за уредување на плажите.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков вели уредени плажи по сите еколошки стандарди според препораките на УНЕСКО ќе има догодина.
„Не знам како ние ќе поминеме уште едно лето со неуредени плажи во смисла на привлекување на туристи. Охрид мора да има уредени плажи и тука не гледам дилеми, секако по точни правила и прописи, но и после година и половина сè уште не е изработен Планот за уредување на плажите“, вели градоначалникот Пецаков.
Според него УНЕСКО не бара слободни плажи туку уредени, а веќе постоечките на брегот на езерото се направени со легални проекти на Министерството за транспорт и врски.
„УНЕСКО не бара слободни плажи, туку бара уредени а тоа значи да се поставени и уредени според Планот на Агенцијата за просторно планирање. Ќе се знае на територија на Охридско езеро дали треба да имаме 5, 10, 15 или 20 уредени плажи на таа и таа локација. Откако ќе биде нацртано во Планот за Охридско крајбрежје ние ќе ги издаваме“, додава Пецаков.
Оваа сезона уредени плажи ќе има само на просторот пред хотелските и угостителските објекти.
Со неколкунеделната акција за уривање минатата година расчистени беа плажите на потегот од село Пештани до хотел „Метропол“, каде отстранети беа нелегални градби, платформи, постаменти од бехатон плочки и ѕидови од најразлични градежни материјали. Активностите за отстранување на нелегални платформи имаше и кај атрактивните плажи на потегот од каналот Студенчишта кон Горица 1 и плажите во делот на населбата Канео, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план.
Тогашниот градоначалник Константин Георгиески обелодени дека концесионерите работеле со истечени договори, а со тоа правеле кривично дело оти незаконски правеле профит на атрактивна земја која не е во нивна сопственост.
„Договорите за концесија им се истечени и нам сега ни е важно да не вршат дејност затоа што немаат активен договор за концесија и мора да се отстрани сето она што е во вода пред почетокот на сезоната. Доколку во иднина се предвидуваат некакви објекти, таму ќе биде според Планот кој ќе го прави Агенцијата за просторно планирање. Сега ќе пристапиме по решенијата за отстранување. Стопанисување и стекнување со противправна имотна корист на атрактивна земја сопственост на сите нас е кривично дело“, кажа Георгиески.
С. ВРЕНЦОВСКА