ОХРИДСКИТЕ УГОСТИТЕЛИ БАРААТ ИСТ ТРЕТМАН КАКО НИВНИТЕ КОЛЕГИ ОД СТРУГА, ПЛАТФОРМИТЕ ДА СЕ ОТСТРАНАТ, НО ОБЈЕКТИТЕ ДА РАБОТАТ

    ОХРИДСКИТЕ УГОСТИТЕЛИ БАРААТ ИСТ ТРЕТМАН КАКО НИВНИТЕ КОЛЕГИ ОД СТРУГА, ПЛАТФОРМИТЕ ДА СЕ ОТСТРАНАТ, НО ОБЈЕКТИТЕ ДА РАБОТАТСопствениците на плажата „Потпеш“ под Канео денес ја отстрануваа платформата. (Фото: СДК.МК)

    Угостители со истечени концесии на брегот на Охридското Eзеро, кај кои сè уште не дошле багерите за уривање, денеска сами ги отстрануваа платформите, но побараа ист третман како и нивните колеги од Струга, да работат објектите во текот на сезоната. Од вицепремиерот Артан Груби бараат „Едно општество за сите“, ист третман и услови како струшките угостители.

    „Како нашите колеги од Струга добија поддршка да работат со платен паушал од 2010 година, а ние од 2018 немаме концесија, што значи до тогаш сме го подмириле секој денар кон Општината, и пак не работиме. Бараме вицепремиерот Артан Груби да нè посети и нас и да ни го каже начинот како и ние да работиме. Ова е општество едно за сите. Нека ни кажат да ги отстраниме неправилностите кои не се во согласност во Планот на УНЕСКО и да продолжиме да работиме“, вели концесионерот на плажата „Потпеш“, Томе Тримче.

    Тримче вели дека со затворањето на објектите многу фамилии од Охрид ќе останат без егзистенција, а и загубите кои ги претрпеле поради ковид пандемијата биле големи. Најголеми штети, како што вели, ќе претрпи туризмот во Охрид. Во овој објект работеа околу 30 угостители.

    Тримче ги демантира изјавите во јавноста дека работеле незаконски откако им истекле концесиите.

    „Ние не сме криминалци и не работиме незаконски како што тоа беше преставено во јавноста. Во 2018 уредно се јавивме на лицитацијата која, за жал, беше многу лошо спроведена. Од пет апликанти за плажите во градското подрачје сите имаа неуредна или нецелосна документација или големи проблеми во постапката, со што таа постапка сè уште не е завршена“, вели Тримче и додава дека доколку не се најде решение плажата ќе се претвори во рушевини и место за одлагање отпад како што било претходно.

    И Мостот на желбите кој води до плажата „Потпеш“ е дивоградба којa треба да се отстрани, но за Тримче тој е потребен како за жителите така и за туристите.

    Плажата „Потпеш“ заедно со „Куба либре“, „Кадмо“, „Бела Виста“ и „Канео“, кои се опфатени со Генералниот урбанистички план, поради истечените договори за концесија од неодамна останаа без напојување со електрична енергија.

    „Струјата ни е исклучена, имаме поднесено жалба до Регулаторна комисија и до Основниот суд Охрид бидејќи од ЕВН не добивме никакво известување за исклучување“, велат досегашните концесионери.

    Во Струга пред два дена започна отстранувањето на шест платформи поставени во езерото. Сопствениците сами ги отстрануваа платформите, но објектите им работат. Градоначалникот Рамиз Мерко ги оправда дека плаќале такса според издадените одобренија од 2010 година, иако договорите за концесија им се истечени. Платформите во Радожда пак, како што рече Мерко, нема да се отстрануваат бидејќи биле уредени во насока на развојот на туризмот. Тој и понатака тврди дека Струга нема дивоградби, тоа биле предмети за легализација, а повеќето биле надвор од градското подрачје. Струшката акција ја следеше вицепремиерот Артан Груби, за кого платформите биле законски поставени со дозвола за градба, но во дијалог со општинските власти, а во согласност со препораките на УНЕСКО ќе се отстрануваат.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира