ВО СТРУГА НЕМА ДИВОГРАДБИ, ГИ УРИВАМЕ ПЛАТФОРМИТЕ ВО ЕЗЕРОТО ЗА ДА СЕ СОЛИДАРИЗИРАМЕ СО ОХРИД, ВЕЛИ МЕРКО

    ВО СТРУГА НЕМА ДИВОГРАДБИ, ГИ УРИВАМЕ ПЛАТФОРМИТЕ ВО ЕЗЕРОТО ЗА ДА СЕ СОЛИДАРИЗИРАМЕ СО ОХРИД, ВЕЛИ МЕРКОЌе се урнат 6 плаформи во Струга, но не и оние во Радожда. (Фото.СДК:МК)

    Во Струга денеска започна уривањето на платформите поставени во Охридското езеро. Акцијата започна од платформата на ресторанот „Версус“, а предвидено е да се отстранат шест платформи во градот, но не и оние во селото Радожда.

    Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за кого строго дефинираните правила на УНЕСКО кои предвидуваат забрана за градба и рушење на сè што е бесправно изградено во заштитените зони, беа неприфатливи сега се премисли. По цврстите ставови дека Струга нема дивоградби, а неколкуте платформи во Езерото служеле за развој на туризмот и не се пречка за имплементација на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот регион, сега вели дека акцијата е за да бидат солидарни со Охрид.

    „Не сакаме ние да бидеме црна овца, се солидаризираме со Охрид за да придонесеме да се приближиме до УНЕСКО, односно да може да се инвестира уште повеќе во овие градови кои се важни не само за државата туку и пошироко. После оваа наша солидарност чекаме од државата и од Комисијата за УНЕСКО да ни даде план за подобар развој. Овде нема дивоградби,  а ова што го правиме го правиме доброволно и солидарно“, рече Мерко.

    Сопствениците сами ги отстрануваа платформите, но објектите ќе куртулат бидејќи, како што рече Мерко, плаќале такса според издадените одобренија од 2010 година, иако договорите за концесија им се истечени.

    „Постапуваме по решенијата кои ги добивме во петокот, сами пристапивме кон отстранување, иако сметаме дека ова требаше да се случи по завршување на сезоната. Ова е еден атрактивен дел во градот со убави уредени плажи, атракција за туризмот“, вели Галип Османоски сопственик на ресторанот „Версус“.

    Според Мерко платформите во Радожда нема да се отстрануваат бидејќи се уредени во насока на развојот на туризмот.

    „Тие платформи не се во ваков стил. Тоа е крајбрежје каде што било и ќе биде и понатака дел од развојот на село Радожда“, рече Мерко кој денеска заедно со вицепремиерот Артан Груби и министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири во рамките на зелената агенда на ДУИ, направија обиколка на објектите на брегот од Езерото.

    „Платформите се законски поставени, имаат дозвола за градба, но во дијалог со општинските власти, а во согласност со препораките на УНЕСКО ќе се отстранат платформите во градот“, рече Груби кој го пофали градоначалникот за ваквиот потег и најави негово кандидирање за уште еден градоначалнички мандат.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира