ОХРИЃАНИ И СТРУЖАНИ ОДАТ НА ЛЕКАР ВО ВЕВЧАНИ ОТИ БОЛНИЦИТЕ ВО ОХРИД И СТРУГА СЕ ВО ДОЛГОВИ И РАБОТАТ ОТЕЖНАТО

    ОХРИЃАНИ И СТРУЖАНИ ОДАТ НА ЛЕКАР ВО ВЕВЧАНИ ОТИ БОЛНИЦИТЕ ВО ОХРИД И СТРУГА СЕ ВО ДОЛГОВИ И РАБОТАТ ОТЕЖНАТОБолните во Вевчани доаѓаат најчесто за лабораториски испитувања, но и за неопходни прегледи. (Фото: СДК.МК)

    Зголемен е бројот на пациенти од Охрид и Струга во Здравствениот дом во Вевчани, откако двете здравствени установи во овие градови поради големите долгови работат со блокирани сметки. Намалениот квалитет на здравствената услуга и условите се главна причина болните да патуваат дури до Вевчани, најчесто за лабораториски испитувања, но и за неопходни прегледи.

    Директорот на Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“ во Вевчани, Јован Стојкоски, вели дека последните две години е зголемен обемот на работа поради напливот на болни од коронавирусот, но тенденцијата на зголемување на пациенти, посебно за специјалистички прегледи и лабораторија е видлива од јануари годинава со пациенти од Охрид и Струга.

    „Ние традиционално имавме пациенти од Дебар, а сега имаме зголемен број пациенти од Струга и Охрид. Причините можеме да ги претпоставиме, услугата, квалитетот и пристапноста на здравствените услуги во нашата установа. Најчесто доаѓаат во биохемиската лабораторија, снабдени сме со реагенси, ги имаме постојано. Имаме клиничка биохемија, ги покриваме сите видови испитувања кои се специјалистички, а исто така и рентгенот извонредно работи. Освен класичен имаме и мамомат“, вели Стојкоски.

    Во Здравствениот дома има 90 вработени, од кои 25 проценти се лекари, што за Стојкоски преставува иднина во здравството. Има специјалисти по орална хируиргија, офталмологија, физикална терапија, кардиологија, интернист, рентген и специјалист по биохемија, а во наредните две години  ќе добие и специјалист по кожни болести.

    „Во периодот од 2017 па навака, инвестираме како во опрема така и во кадар. Минатата година започна со работа Кабинетот за кардиологија, имаме доктор кардиолог кој во јавното здравство во Вевчани-Струга е единствен. Од почетокот на оваа година отворивме и Кабинет за физикална терапија, имаме доктор-специјалист физијатар, а за брзо планираме да отвориме и Кабинет за офталмологија. Процесот за набавка на опрема е во тек, а докторот ја заврши специјализацијата“, вели Стојкоски.

    Тој најави дека продолжуваат инвестирањата во опрема. Во Одделот за офталмологија инвестирани се над 10 илјади евра, а во тек е набавка на апарати за биохемија.

    Болниците во Охрид и Струга работат со блокирани сметки. Охридската Општа болница има долг од скоро 4 милиони евра додека струшката должи помалку и таа од почетокот на годината работи отежнато поради блокираната сметка.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира