ОКОЛУ „СИТИ МОЛ“ НАЈПОВОЛНА ВАРИЈАНТА Е ЗОНСКО ПАРКИРАЊЕ ЗА ДА НЕ ИМ ПРЕЧАТ ПОСЕТИТЕЛИТЕ НА ЖИТЕЛИТЕ, ВЕЛИ БОГОЕВ

    ОКОЛУ „СИТИ МОЛ“ НАЈПОВОЛНА ВАРИЈАНТА Е ЗОНСКО ПАРКИРАЊЕ ЗА ДА НЕ ИМ ПРЕЧАТ ПОСЕТИТЕЛИТЕ НА ЖИТЕЛИТЕ, ВЕЛИ БОГОЕВЖителите постојано се жалат дека немаат место за паркирање од посетителите во трговскиот центар. (Фото: СДК.МК)

    Се разгледува можноста за воведување на зонско паркирање и во населбите Карпош 3 и Карпош 4, најави градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев. Откако по спроведената анкета беше одлучено зонско да се воведе во населбите Карпош 1 и Карпош 2, Општината размислува на овој начин да се реши проблемот и околу трговскиот центар „Сити мол“.

    „Граѓаните на Карпош 3 и Карпош 4 во ниту една варијанта нема да плаќаат за паркинг. Сметам дека најповолно решение за паркинг просторот кој е узурпиран од посетителите на ‘Сити мол‘ е воведување на зонски резиденцијален паркинг. Истиот би подразбирал бесплатен паркинг за станарите и евтина гостинска карта, а посетителите на трговскиот ќе плаќаат“, вели градоначалникот Богоев.

    Богоев вели дека пред да се решат за овој чекор ќе спроведат анкета меѓу граѓаните, како што беше направено во населбите Карпош 1 и Карпош 2.

    Жителите на зградите околу „Сити мол“ постојано се жалат дека немаат место за паркирање од посетителите на трговскиот, кои за да не плаќаат паркинг во гаражата, се паркираат на улиците и тротоарите пред зградите.

    К. СЕЛАМОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира