ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ ДАВА СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ, ПАРИ ИМА ЗА 27 ДОМАЌИНСТВА

    ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ ДАВА СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ, ПАРИ ИМА ЗА 27 ДОМАЌИНСТВАСубвенцијата ќе биде 50 отсто од цената на инвертер климата, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход.(Фото: Општина Аеродром)

    Општина Аеродром ќе дава субвенции за набавка на инвертери. Граѓаните кои во текот на оваа година купиле инвертер за замена на начинот на греење, можат да аплицираат во Општината до 18 октомври. Субвенцијата ќе биде 50 отсто од цената на инвертер климата, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход. Во буџетот на Општина Аеродром за оваа мерка се предвидени 400.000 денари, што значи дека субвенции ќе добијат 27 домаќинства. Субвенционирањето ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен.

    „Општина Аеродром субвенционира набавка на инвертер клими со цел намалување на загадувањето од затоплувањето на домовите, за да се намали нарушувањето на квалитетот на амбиентниот воздух во градот и да се зголеми бројот на граѓани што ќе се одлучат да инвестираат во средства за нов начин на греење“, велат од Општина Аеродром.

    Граѓаните до Општината треба да достават барање за доделување на субвенција, фотокопија од лична карта и трансакциска сметка, потврда за платен данок на имот заклучно со 2018 година, имотен лист за објектот со адреса на подрачјето на Општина Аеродром како доказ дека е извршено купување инвертер клима, односно оригинал фискална сметка или фактура и извод од банка. Граѓаните ќе треба да достават и изјава во која барателот под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека до поднесувањето на барањето бил корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут, објектот во кој се инсталира инвертер климата не е во фаза на градба, објектот не е приклучен на градското централно греење и дека друг член на домаќинството не поднел барање за добивање субвенција.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира