ОПШТИНА БИТОЛА ДОЛЖИ ПАРИ ЗА ТРАДИЦИОНАЛНИ КУЛТУРНИ НАСТАНИ КОИ БЕА ДЕЛ ОД БИТ-ФЕСТ

    ОПШТИНА БИТОЛА ДОЛЖИ ПАРИ ЗА ТРАДИЦИОНАЛНИ КУЛТУРНИ НАСТАНИ КОИ БЕА ДЕЛ ОД БИТ-ФЕСТОд дефилето на манифестацијата „Илинденски денови“ низ Широк Сокак. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола должи пари кон организатори на културни настани кои требаше да бидат финансиски поддржани од Програмата за култура, а беа дел и од битолското културно лето Бит-фест. Вчера дел од организаторите како Центар за култура, Локум фест, Битолино, Мјузик ленд, писатели и други се сретнаа со претседателката на Советот на Општина Битола Габриела Илиевска и со претставници на други советнички групи за да добијат информација кога ќе им бидат исплатени парите и да се предочи да не се доцни многу со исплатата. Веќе извесен период во Општина Битола има политичка криза и заглавен е ребалансот на општинскиот буџетот.

    „Кај мене уште не горат огнови зашто фестивалот ‘Илинденски денови’ заврши неодмана. Но, како организатори побаравме да се забрза процесот на исплата на средства зашто сакаме што поскоро да ги исплатиме фестивалите. Во конструктивна атмосфера ги ислушавме присутните и постои атмосфера за да се реши проблемот. Ако ситуацијата остане иста ќе имаме проблем со реализацијата на исплатата на фестивалите кои во овие пет години сум ги исплаќала до месец и пол по завршувањето. Не сакам да бидам должник зашто турбо работиме цела година и ако должиш ќе немаш соработници. Се надевам дека ќе се разрешат несогласувањата меѓу Советот и градоначалникот за да можеме како град непречено да функционираме“, рече Маја Андоновска-Илијевски, директорка на Центарот за култура организатор на „Илинденски денови“, на кого Општината му должи 600.000 денари.

    Таа како пример по кој треба да се исплаќаат средствата од општинскиот буџет за култура за традиционални фестивали го посочи Министерството за култура кое пред почетокот на настаните плаќа 80 проценти од средствата, а останатите 20 проценти по завршувањето.

    На вчера одржаната Комисија за финансии и буџет, претседателката Илиевска ја запраша претставничката на Одделението за финансии од Општина дали има неисплатени договори кон субјекти за кои беа предвидени средства од Прогарамата за култура. Таа одговори потврдно дека не се исплатени традиционални настани.

    Се огласи и Општинската организација на СДСМ која обвини дека Општината должи 6 милиони денари за култура, дека до сега потрошени се над 11 милиони денари од парите предвидени за култура за цела 2023 година, па останале уште 900.000 денари, а допрва следуваат Фестивалот „Браќа Манаки“, „Интерфест“ и други настани кои општината финансиски ги поддржува.

    Од Општина Битола изјавија дека градоначалникот ќе го соопшти својот став и начинот на исплата по утрешната седница на Советот каде очекува да биде изгласан новиот предлог ребаланс на буџетот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира