ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ ДАДЕ 10 ОТСТО ОД СУМАТА ЗА РЕСТАВРАЦИЈА НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ

    ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ ДАДЕ 10 ОТСТО ОД СУМАТА ЗА РЕСТАВРАЦИЈА НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМОпштина Битола на четири месеци пред локалните избори одлучи да финансира 6,1 милион денари за реставрација и адаптирање на Офицерскиот дом во Битола, што е 10 отсто од сумата што ќе ја покрие Светска банка (Фото: СДК.МК)

    По повеќегодишна запуштеност и неуспешниот обид на владата на ВМРО-ДПМНЕ да го продаде, конечно Општина Битола на четири месеци пред локалните избори одлучи да финансира околу 6,1 милион денари за реставрација и адаптирање на Офицерскиот дом во Битола. Оваа сума е само десет проценти од потребниот износ за комплетна реставрација на ова културно богатство во Битола, односно значи кофинансирање на Општината за реализација на потпроект, во кој останатите средства треба да ги покрие Светска банка. Одлуката за кофинансирање ќе треба да ја донесе Советот на општината в петок.

    Офицерскиот дом поради своите архитектонски вредности е наречен уште и битолски Версај. И покрај тоа што е споменик од прва категорија, долги години е запуштен и руиниран. Додека во Скопје за милионски суми се градеа објекти од проектот „Скопје 2014“, за вистинското културно богатство на Битола, каков што е Офицерскиот дом, немаше пари. Владата на ВМРО-ДПМНЕ пред година и половина објави оглас за негова продажба по почетна цена од 900.000 евра. Но, битолчани излегоа на протест и тогашниот премиер Никола Груевски ја стопираше продажбата, а објектот го пренесе во надлежност на Општина Битола.

    По ова, градоначалникот Владимир Талески вети дека од Офицерскиот дом ќе направи куќа на културата, а приземниот кат ќе го користи Општината за венчавки. Но во изминатиот период, сите предлози на локалната опозиција предводена од СДСМ во битолскиот Совет од општинскиот буџет да се издвојат пари за реставрција на Офицерскиот дом завршуваа без успех, зашто локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ гласаше против, со образложение дека за домот ќе бидат обезбедени средства од државниот буџет.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира