ОПШТИНА БИТОЛА ТРЕБА ДА ПЛАТИ 300.000 ЕВРА ЗА СУДСКИ СПОР ОД ВРЕМЕТО НА ТАЛЕСКИ

    ОПШТИНА БИТОЛА ТРЕБА ДА ПЛАТИ 300.000 ЕВРА ЗА СУДСКИ СПОР ОД ВРЕМЕТО НА ТАЛЕСКИОпштината треба неодложно да плати 300.000 евра за судски спор што бил покренат во 2016, во врска со реновирањето на Домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола што заврши уште пред шест години; - Ексградоначалникот Владимир Талески и ексминистерот за труд и социјала Диме Спасов на пуштањето на домот во 2014. (Фото: Архивска фотографија)

    Општина Битола се соочи со ново финансиско оптоварување наследено од претходната локална власт предводена од ексградоначалникот Владимир Талески. Општината треба неодложно да плати 300.000 евра за судски спор што бил покренат во 2016, во врска со реновирањето на Домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола што заврши уште пред шест години.

    Градоначалничката Наташа Петровска на денешната прес-конференција обвини дека за реализацијата на проектот биле платени многу повеќе средства од сумата во договорот, а сепак дополнително од изведувачот била добиена фактура, а потоа и тужба за Општината да плати уште пари за вишок работи што фирмата ги спровела.

    „Договорот за реконструкција на Домот бил случен на 23.12. 2011 година, со вкупна вредност од 850.549 евра. Сумата е без ДДВ , што стои во договорот, бидејќи парите потекнуваат од фондовите на ЕУ кои се ослободени од ДДВ. Од фактурите кои се достапни, фактурирана што значи извршена работа била за 616.338 евра без ДДВ. Но, исплатени биле вкупно 955.616 евра од Министерството за локална самоуправа и Општина Битола или повеќе за 339.277 евра“, рече Петровска.

    Според овие суми, од Општината се сомневаат дека во износите бил пресметан и ДДВ иако тоа не е дозволено кога е европска донација.

    По ова, изведувачот дополнително доставил фактура до Општината во 2016, барајќи уште 187.417 евра. Бидејќи не им биле исплатени, уште тогаш поднел тужба, а Апеациониот суд сега донесе одлука, па од општинската каса треба да се платат со камати 300.000 евра.

    „Зошто се плаќани фактури со ДДВ? Зошто исплатените средства по пат на цесија од страна на Општината не се поткрепени со фактура или доставена градежна ситуација? Нерегулираните односи меѓу Минилстерството за локална самоуправа и Општина Битола од тој период носи како последица Општината да треба да плати нови 300.000 евра за стари подмирени обврски“, рече Петровска.

    Општината ќе бара ревизија на постапката до Врховен суд, но тоа не го одлага плаќањето на парите. Петровска ги повика надлежните институции да го испитаат случајот.

    Изградбата на Домот за стари лица беше еден од капиталните проекти на претходната локална власт во Битола. Кога во 2014 го пуштаа во работа тогашните надлежни изјавија дека овој проект е резултат на соработката меѓу локалната самоуправа и Владата. Тогаш, Талески рече дека околу 650.000 евра од проектот се финансирани преку ИПА фондовите, преку Министерството за локална самоуправа, а 178.000 евра се платени од Општина Битола и целата разлика која тековно се појави ќе ја надополни Општината.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира