ОПШТИНА ЈЕГУНОВЦЕ РЕКОРДЕР ПО БРОЈОТ НА ЛИЦА ШТО ЌЕ ГЛАСААТ ВО САБОТА

    ОПШТИНА ЈЕГУНОВЦЕ РЕКОРДЕР ПО БРОЈОТ НА ЛИЦА ШТО ЌЕ ГЛАСААТ ВО САБОТАВо Општина Јегуновце во вториот круг в сабота ќе гласаат 48 болни и изнемоштени лица (Фото: СДК.МК)

    Општина Јегуновце станува рекордер во Долно Полошкиот Регион по болни и изнемоштени лица кои ќе го искористат своето право да гласаат во сабота. Во првиот круг од локалните избори ова право го искористиле 44 лица, а за вториот круг в сабота ќе гласаат 48. Во Општинската изборна комисија (ОИК) на Општина Јегуновце велат дека и во двата случаи е целосно е запазена процедурата и одобренијата за гласање во сабота се издадени врз основа на стручно мислење на доктор.

    „И во првиот круг од гласањето и сега за вториот круг ние како Општинска изборна комисија ангажиравме стручно лице – доктор и врз основа на неговата стручна оченка ги донесовме решенијата кои лица ќе можат да го остварат правото да гласаат во сабота. До комисијата беа поднесени 73 барања од болни и стари и изнемоштени лица кои побараа да гласаат во сабота. Сите барања беа прегледани од докторот и од нив без прифатени 48 а 25 беа одбиени како неосновани. Слична беше состојбата и во првиот круг на гласање кога во нашата општина тоа право го искористија 44 лица“, ни изјави Стојанче Антовски претседател на ОИК на Јегуновце.

    За разлика од Јегуноце, до ОИК за Општина Тетово за вториот круг од гласањето се поднесени 34 барања од болни и изнемоштени лица за гласање во сабота, но тука лекарската комисија прифати само 8 барања, а останатите 26 се одбиени. Во првиот круг од гласањето беа поднесени 26 барања, а беа прифатени 23.

    Зголемување на бројот на барања за гласање во сабота има и во Општина Брвеница каде од 9 барања колку имаше во првиот круг сега се доставени и се прифатени 18 барања. Во другите општини нема доставено барања за гласање во сабота.

    Во првиот изборен круг за локалните избори значително порасна и бројот на лица со посебни потреби кои, заедно со болните и изнемоштени лица, имаат можност да гласаат во сабота. На парламентарните избори во декември минатата година гласале само 8 лица со посебни потреби, 6 во Општина Тетово и 2 во Општина Јегуновце, додека во другите општини немало пријавено. Наспроти ова, во првиот круг од локалните избори своето право на глас во домашни услови го оствариле 26 лица со посебни потреби од 5 општини од Долно Полошкиот Регион.

    „Зголемениот број на лица со посебни потреби кои гласале во сабота во голем дел се должи на успешната реализација на проектот ‘И јас сакам да гласам’, кој Здружението за Церебрална парализа од Тетово го спроведе во соработка со Европската унија и Граѓанската асоцијација МОСТ. Преку кампањата која беше спроведена, лицата со посебни потреби беа запознаени со можноста да го остварат своето право да гласаат во домашни услови, со потребните докуманти кои треба да ги достават и со постапката на гласање. Овие 26 лица се лица со тешка и најтешка попреченост и тие не се во можност на никаков начин да дојдат до избирачкото место, а единствена можност да го остварат своето гласачко право е да гласаат во домашни услови. Многумина од нив сега за прв пат го остварија своето право да гласаат“, велат од Здружението за Церебрална парализа во Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира