ОПШТИНА КАРПОШ ОД 1 МАРТ ВОВЕДУВА ДНЕВЕН ПРЕСТОЈ ВО ШКОЛИТЕ, КИСЕЛА ВОДА ЌЕ ОДЛУЧИ ДЕНОВИВЕ

    ОПШТИНА КАРПОШ ОД 1 МАРТ ВОВЕДУВА ДНЕВЕН ПРЕСТОЈ ВО ШКОЛИТЕ, КИСЕЛА ВОДА ЌЕ ОДЛУЧИ ДЕНОВИВЕУчебната година почна на 1 октомври. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од 1 март ќе има дневен престој во основните училишта во скопската општина Карпош, а деновиве ќе се одлучи дали и во кои училишта ќе има во општината Кисела Вода. Владата на 29 септември одобри да има дневен престој во училиштата кои од 1 октомври почнаа настава со физичко присуство, со препорака продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.

    Но, до скоро во Скопје продолжен престој имаше само во училиштата во општините Центар и Аеродром. Родителите на учениците кои посетуваат настава со физичко присуство во цела држава револтирано секојдневно реагираат со е-пошта до институциите, до медиумите и на социјалните мрежи на профилите на Општините и градоначалниците, дека ќе ги изгубат работните места или дека се принудени да плаќаат едукативни центри и жени за чување.

    „Општина Карпош иницираше да има адаптиран продолжен престој во основните училишта, како резултат на барањата на повеќе родители. Во текот на вчерашниот ден, училиштата одржаа онлајн родителски средби со родителите, со цел да бидат запознаени со оваа одлука. Продолжениот престој се спроведува согласно интересот на родителите во секое училиште, а по протоколите за заштита од Министерството за образование и наука и Комисијата за заразни болести“, ни рекоа од кабинетот на градоначалникот Стефан Богоев.

    Оттаму додаваат дека од десет основни училишта, само во ООУ „Аврам Писевски“ (во Бардовци) ќе нема продолжен престој затоа што не постои доволен интерес.

    Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски ни изјави дека досега немале продолжен престој поради просторни и кадровски капацитети, согласно препораките на Комисијата за заразни болести.

    „Но, разговараме со неколку училишта, нема да може во сите, да се организира продолжен престој и да им излеземе во пресрет на родителите, секако со запазување на мерките за заштита од ковид-19. До крајот на месецов ќе имаме уште еден состанок со активот на директори и ќе одлучиме“, вели Темелковски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Во Општина Центар во сите 8 основни училишта има организиран дневен престој за учениците од прво до трето дделение.

    „Во 7 од 8-те основни училишта: ‘Коле Неделковски’, ‘Кочо Рацин’, ‘Ј. Х. Песталоци’, ‘Киро Глигоров’, ‘Димитар Миладинов’, ’11 Октомври’ и ‘Гоце Делчев’ дневниот престој е организиран до 15 часот, со исклучок на основното училиште ‘Св. Кирил и Методиј’, каде дневниот престој е до 16 часот“, ни рекоа од Општина Центар.

    „Основните училишта на територијата на Општина Аеродром организираат продолжен престој за учениците од прво до трето одделение. Продолжениот престој е организиран и се опфатени сите ученици од иста паралелка во текот на целиот престој, согласно Упатството донесено од Министерството за образование и наука и здравствените протоколи на Министерството за здравство“, велат од Општината за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира