За изградба на подрачното основно училиште „Рампо Левката“ во Баба Чаир, Прилеп, Општината исплатила средства во вкупен износ од 111.398 евра, а по завршување на градбата не го презела ниту го обезбедила новоизградениот училиштен објект. Тој сега е уништен, руиниран и демолиран, а учениците од одделенска настава од населбите Сточен Пазар и Жабени се без училишна зграда, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во објавените конечни ревизорски извештаи за работата на Општина Прилеп.
Во Извештајот се вели дека се утврденисе и други состојби, неправилности и неусогласности од различна природа во работењето на локалните власти. Меѓу нив и реконструкцијата и доградбата на мостот на градската река на улица Трајко Николоски, каде Општината исплатила 554.846 евра, а го пуштила во употреба без обезбедена комплетната изведбена документација. Според ДЗР, тоа претставува ризик за безбедноста на корисниците.
„Општината при изведување на градежните работи кои се однесуваат на изградба и реконструкција на локални патишта и улици и примарна и секундарна канализациона мрежа, не обезбедила соодветна законска документација, поради што завршените градби во износ од 1.153.577 евра иако се ставени во употреба, нема завршен извештај и технички прием“, соопшти ДЗР.
За изградбата на градинка во населбата Точила, која е тригодишна капитална инвестиција со склучен договор од 2.166.943 евра, несоодветно е изработена предмер пресметка и има неусогласеност со проектната документација, што доведува до зголемени трошоци и неизвесност за завршување на започнатата инвестиција.
Меѓу неповолните утврденисостојби, поради кои ДЗР изразил негативно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година, е тоа што Советот усвоил буџет за кој нема донесено програми. Исплатата на средства од 219.869 евра за спортски клубови, здруженија на граѓани, фондации, талентирани ученици и социјални бенефиции била извршена без донесени програми, а корисниците не доставиле извештај за потрошените средства.
Во буџетот не се уплатени 447.154 евра од надоместоци за одржување на јавна чистота, урбано зеленило и комунална такса за користење простор за паркирање, а побарувањата од 263.626 евра не се наплатени зашто должниците се веќе избришани од евиденција во Централниот регистар. Исплатени биле субвенции за ЈКП „Комуналец“ без целосна поткрепувачка документација.
Субвенционирањето на месечни трошоци за вода од 45.587 евра на социјално ранлива група на граѓани се вршело без претходна контрола на статусот на корисниците што дава можност да се субвенционираат корисници кои немаат статус на ранлива категорија граѓани. Исто така, не се утврдени прецизни критериуми за исплата на еднократната парична помош за егзистенцијални потреби и за лекување, која ја доделува градоначалникот на предлог на Комисијата за финансирање и буџет при Советот на Општината.
ДЗР утврдил дека за вршење на редовни работни задачи предвидени со Правилникот за систематизација на работните места привремено ангажирани биле 41 лице, за кои исплатени се 236.894 евра, а 10 од нив биле ангажирани континуирано за период подолг од две години. Ваквата состојба според ДЗР, укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица, повластена положба во постапката на нивно ангажирање, како и непостојаност на кадарот кој треба да ги извршува редовните работни задачи во Општината.
Ж. ЗДРАВКОВСКА