Од Општина Тетово најавуваат дека наскоро ќе почнат со уривање на 5.000 дивоизградени објекти меѓу кои и неодамна поставениот метален крст во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка.
Само на Попова Шапка има повеќе од 100 дивоградби, викендици, хотелчиња и потпорни ѕидови, меѓу кои е и џамијата со минаре високо над 20 метри, изградена на државно земјиште. Од општината не кажуваат дали и џаијата е ставена на ред за уривање.
На одлуката на Општина Тетово за уривање на крстот реагираа од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).
„Тетовско-гостиварска епархија своите права во насока на разрешување на даденото прашање ќе ги штити преку достапните правни механизми. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации“, се вели во соопштението од Тетовско-гостиварската епархија.
- НА ДИВО СЕ ГРАДИ ЏАМИЈА НА ПОПОВА ШАПКА, ИВЗ НЕ ЗНАЕ ИАКО ГРАДБАТА ЈА РЕКЛАМИРА НА БИЛБОРДИ
-
ПО ДВЕ НЕДЕЛИ ПАУЗА, ПРОДOЛЖИ НЕЛЕГАЛНАТА ИЗГРАДБА НА ЏАМИЈА НА ПОПОВА ШАПКА
Од црковниот одбор на манастирот „Свети Наум“ на Попова Шапка велат дека поставениот крст е урбана опрема и е поставен на приватен имот.
„Добивме решение за уривање на крстот, во кое образложението е дека нема дозвола за градба. Но, сметаме дека за крстот не е потребна дозвола за градба, затоа што се работи за урбана опрема. Ќе ги искористиме законските можности и ќе поднесеме жалба“, се вели во соопштението испратено од Црковен одбор при Манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка.
Вчера раководителот на општинскиот инспекторат Седат Сулејмани, за косовски медиуми изјави дека има решение за отстранување на крстот на Попова Шапка.
„За крстот има одлука за уривање. Кога ќе се отстрани? Во Тетово има над 5.000 решенија за уривање. Гледате дека се трудиме да работиме. Кога ќе дојде време, ќе го направиме тоа“, изјавил Сулејмани.
З. АНДОНОВ