Буџетот на Општина Тетово за 2022 година денеска беше ставен на јавна дебата пред граѓаните на Општината. Ова е за првпат досега буџетот да биде ставен на јавна дебата, но останува дилемата зошто баш еден ден пред тој да биде ставен на усвојување од советниците во Советот на Општина Тетово. За утре е закажана седницата на Советот на која една од точките на дневниот ред е токму усвојувањето на буџетот за 2022.
„Ние сме свесни дека за една ваква јавна дебата треба многу повеќе време и дека таа би требало да трае најмалку два до три месеци пред донесувањето на буџетот на Општината. Но како што знаете, ние го презедовме раководството со Општината само пред 45 дена. Во овој краток период требаше да ја согледаме вкупната финансиска состојба во која се наоѓа Општина Тетово, при што увидовме дека долгот на Општината е многу голем, и врз основа на тие податоци да го направиме овој предлог-буџет. Сепак, битно ни беше и мислењето на граѓаните. Сите нивни забелешки, предлози и сугестии ќе ги забележиме и ако не може веднаш да влезат во овој буџет, ние предвидуваме во јуни да направиме ребаланс на буџетот каде ќе ги вклопиме останатите предлози, ако се издражени, а може и тогаш да се додадат нови предлози“, изјави Бесар Дурмиши, претседавач на Советот на Општина Тетово.
Дека ваквата јавна дебата е задоцнета свесни се и советниците во Советот на Општина Тетово но, без разлика на тоа и тие ја поздравуваат оваа новина на новата локална власт.
„Како советници, предлог-буџетот го добивме само пред 6 дена. Имавме и ние реакција зошто јавна дебата се одржува ден пред седницата на Советот на која треба да се усвои буџетот, но ја разбираме ситуацијата дека градоначалникот само пред четириесетина дена ја презеде должноста и дека не можеше да се подготви буџетот поради разните опструкции што се правеа од претходниот состав на Општината. Затоа и решивме денеска да земеме учество на оваа дебата и да дадеме наши предлози. Сите граѓани треба да знаат дека овој буџет што утре ќе се донесе е последица од претходните мандати и дека тој е катастрофален, бидејќи има многу малку капитални инвестиции, а поголем дел оди во плати“, изјави советникот Хамди Сулејмани од инцијативата „Подобро за Тетово“.
На јавната дебата граѓаните на Тетово дадоа повеќе предлози од областа на урбанизмот, комуналните дејности, барања за интервенции во инфраструктурата на градот. Дури имаше и предлог, даден од движењето „Антикоцкање“, Општина Тетово да формира посебен стручен тим кој ќе им помогне на луѓето кои станале зависници од коцкање како и предлогот казината и коцкарниците во градот да плаќаат многу повисоки надоместоци за нивните светлечки реклами.
З. АНДОНОВ